Бегството од воената инвазија врз Украина не ѝ го скрши духот: Дарија од Херсон го пронајде својот нов живот во Македонија

На 24 февруари 2022 година никој не мислеше дека животот на милиони луѓе ќе се смени од корен, засекогаш. Почна воената инвазија на Русија врз Украина. Луѓето, кои дотогаш го живееја своето нормално секојдневие, наеднаш мораа да ги пакуваат најнеопходните работи и да бегаат од своите домови, не знаејќи дали некогаш ќе можат да се вратат. Заминуваа каде стигнат, каде можат.

Дарија од Херсон, Украина, доаѓа во Македонија. Жената со топла и ведра насмевка не дозволува она што ѝ се случи да го потисне нејзиниот дух – таа почнува да им помага на останатите бегалци во Македонија, да најдат надеж преку образованието. По пристигнувањето во земјава, таа почнува да држи бесплатни часови по англиски јазик на оние кои споделуваат слично минато, пишува агенцијата Мета.мк.

Фото: лична архива

Со неа се сретанавме во едно скопско кафуле, во близина на нејзиниот нов дом, каде што живее со нејзиниот сопруг. Испивме неколку кафиња додека таа ни ги раскажуваше нејзините три години живот во Македонија. Вели дека Скопје ја потсетува на нејзиниот роден град и се чувствува како да припаѓа овде. Говори речиси совршен македонски, иако најмногу ѝ недостига да зборува на нејзиниот мајчин јазик.

„Често зборувам со мојата фамилија на телефон, но сепак не е исто. Ми недостига комуникација на мојот мајчин јазик“, вели таа и додава дека нејзината фамилија успеала да замине од Украина години пред конфликтот, па често комуницираат онлајн.

Откако пристигнала во Македонија, Црвениот крст бил доста ангажиран за да помогне и да го направи процесот за влез во државата полесен. Црвениот крст исто така ги обезбедил просториите и материјалите за нејзините часови, а организирале и летни одмори за мајките и за децата.

Дарија, која во Украина работела на нејзиниот докторат по англиски јазик сега неуморно почнува да работи на она што го има замислено – создава група од околу 30 лица од Украина, кои имаат различно познавање и интерес за јазикот, кои ги учи да зборуваат англиски.

„Ме радуваше кога гледав дека учениците се трудат, имаше луѓе на различни возрасти, и ми беше мило кога ќе видев дека некој фаќа белешки или се обидува да комуницира на англиски. Часовите траеа по 2 часа и имавме различни активности, работевме на сѐ, од вокабулар до граматика до дијалог. Често и гледавме делови од филмови за да видиме колку разбираат“, ни раскажува таа.

Фото: лична архива

Кога станува збор за македонската заедница, таа вели дека се чувствува прифатено, па дури и повеќе од она што очекувала. Раскажува дека на почетокот за време на секојдневни активности како пазарење во маркет вработените ја прашувале за нејзиниот живот, но сега веќе ја познаваат, ја прифаќаат и се навикнати на неа.

Живот во бегство и бројни бирократски процедури

Иако се навикнала на Скопје и на нејзиниот нов живот, тој живот, како што ни раскажа таа, започнал прилично турбулентно.

„Сѐ чинеше дека кога дојдовме во Македонија, институциите не знаеја што да прават со нас. Дури подоцна почнаа да ги создаваат личните карти за привремен престој, но пред тоа кога ќе отидев во телевизија (н.з. МРТВ, зградата во која се издаваат личните документи од МВР), не знаеа за што воопшто им зборувам. Бирократскиот процес беше особено бавен. Имавме слушнато како течеа процесите во Германија, Полска и други земји, а тука не беше така”, раскажува Дарија.

Дарија неколкупати ни повтори дека нејзината ситуација е подобра од останатите и дека се чувствува посигурно оти не е сама, но запознаена е со потешкотиите на останатите кои избегале од војната и спасот го нашле во Македонија.

„Речиси сите Украинци тука имаат престој поради хуманитарни причини, а од декември минатата година имаат привремен престој. Сепак, од декември сѐ до април 2024 година, Украинците тука ја чекаа потврдата за привремен престој. А како што знаеме, без лична карта не можеме да правиме основни работи како плаќање во банка, треба документација за да плаќаме сметки итн“, вели Дарија.

Дури и откако ги добиле документите, вели таа, банките не биле информирани за таквата можност.

„Нѐ прашуваа што е тоа. Не го познаваме документот?“, вели таа.

Слично нешто се случувало и низ болниците, кога имале потреба за здравствен преглед. Ги прашувале дали имаат македонски документи, иако дозволата за привремен престој е издадена од Македонија. Особено тешко било да добијат здравствено осигурување.

Таа во мај се пријавила за нова лична карта, а од мај до август повеќе пати се обратила до одговорните за да ги потсетува дека документот треба да се изработи. Вели дека исто е за Украинците низ други градови во Македонија.

„Бирократијата не е лесна никаде, но тука луѓето имаа повеќе проблеми од очекуваното“, посочува таа.

Иако Дарија се пронаоѓа во македонската заедница, сепак вели дека ѝ недостига нејзината земја. Вели дека не многу луѓе можат да разберат низ што поминуваат Украинците, а таа останува информирана за сите случувања дома.

„Кога се работи за твоја татковина, нормално е да се информираш за што се случува. Се забележуваат разни дезинформации, но тоа е очекувано. Не знам како живеат луѓето во Украина сега, постојано гледам безбедносни предупредувања на социјалните мрежи, и поголемиот дел од светот не разбира како функционираме. Но, кога станува збор за твоја фамилија и твоја држава, мора да си информиран. Кога те засега тебе, мора да знаеш што се случува. Тука се чувствувам речиси како дома, мојата мачка е со мене, мојата фамилија исто побегна, но загрижена сум за мојот дом. Но, сега сум безбедна, и тоа е важно. Сакам само да заврши војната“, вели Дарија.

Војната во Украина започна пред безмалку четири години, а од тогаш се иселиле 4 милиони Украинци според податоците на Обединетите Нации. Според статистиката на МВР, до август годинава кај нас се регистрирани 408 Украинци со привремен престој. Дарија е само еден пример од стотиците кои овде започнале ново поглавје од животот, а нејзината приказна ги покажува само дел од проблемите со кои се соочуваат лицата со привремен престој во Северна Македонија.

Мета

Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, како дел од проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за луѓето за кои УНХЦР се залага” поддржан од УНХЦР.