Од 1 јануари идната година, цената на струјата ќе се намали за првиот и вториот блок, додека ќе се зголеми за третиот и четвртиот блок, објави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши, преку објава на Фејсбук посочи дека кај домаќинствата, цената на електрична енергија за првиот блок се намалува за 4.11%, додека кај вториот блок се намалува за 2.95%. Во меѓувреме пак, се зголемува цената на третиот блок за 0.85%, како и 7.65% за четвртиот блок.
Блок тарифите се поделени на начин, колку повеќе трошиш, толку повеќе плаќаш.
„Вкупно 99,2% од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија. Вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи, од 1 јануари се намалува за 20,15%. Оваа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата. Со овие одлуки цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66%. Цената за дистрибуција се намалува за 19,54%“, напиша Бектеши.
Во јуни годинава, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) исто така направи измени на цената на струјата, со тоа што, тогаш соопшти дека просечната цена за електрична енергија за 99.8% од домаќинствата ќе се зголеми во просек за 7.4 отсто.