Збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ од Ирена Јурчева е добитник на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“.
Оваа година издавачката куќа „Темплум“ ја доделуваше наградата во рамките на „Малиот новогодишен саем на книгата“ во МКЦ.
Одлуката за наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ ја донесе жирито во состав Фросина Крушкаровска, Алекс Букарски и Мања Величковска.
„Она што на прв поглед освојува во расказите на Јурчева е нивната нескриена кршливост. Тие се едноставни, концизни и искрени со една отворена ранливост пред светот и критиката. Соголеноста на нејзините раскази, дури превентивното ослободување од секаков вишок кој се заканува да натежне, прецизно потекнуваат од потребата за слободна комуникација и изразување на интимните длабочини. Таквиот пристап е во склад со нејзината, можеби главна тема – созревањето, и начините како да се издржат болките на наглиот раст. Ликовите во нејзините раскази минуваат низ трансформации кои ги ставаат во конфликт со себе и со околината“, се вели во одлуката на жирито.
На конкурсот пристигнаа 18 ракопис, а во потесниот круг за наградата влегоа ракописите на шест автор(к)и: Ана Алексовска – „Талкање“, Христина Димоска – „Конференција“, Ирена Јурчева – „Белата е најстрашната боја“, Ненад Алексовски – „Сантос Блуз“, Александра Мачковска – „Вокабуларис“ и Алмир Бајрамски – „Состојби“. Од овие шест се издвоија Ненад Алексовски со романот „Сантос Блуз“ и Ирена Јурчева со книгата раскази „Белата е најстрашната боја“.