Белата куќа побарала проекција на филмот „Пост“ во кој играат жестоките критичари на Трамп

Додека новиот филм на Стивен Спилберг „Пост“ (The Post) добива добри критики како филм кој се бори против лажните вести и во кој главните улоги ги играат Мерил Стрип и Том Хенкс – едни од најгласните критичари на американскиот претседател Доналд Трамп, Белата куќа го побарала филмот за проекција во нивните простории.

Според Холивуд Репортер, студиото 20 Сентури Фокс го прифатила барањето и испратила копии од филмот до Белата куќа и Кампот Дејвид, каде Трамп викендов ќе биде домаќин на самит.

Холивудските студија долго време праќаат копии од нивните филмови до Белата куќа, а Доналд Трамп не е исклучок од оваа пракса.

Дали Трамп ќе го гледа „Пост“, останува да се види, но самото барање за проекција на филмот кој се натпреварува за Оскар е иронија сама по себе. Спилберг отворено зборувал за неговото брзање да го направи филмот за да ги потсети луѓето на важноста на слободата на изразување и новинарскиот интегритет.

Во „Пост“, Том Хенкс ја игра улогата на уредникот на Вашингтон Пост Бен Бредли, кој се наоѓа под закана од поранешниот американски претседател Ричард Никсон по објавувањето на серијал новинарски текстови за Документите од Пентагон во 1971 година.

Хенкс претходно бил прашан дали би прифатил лично да присуствува на проекција на „Пост“ во Белата куќа на што тој одговорил: „Мислам дека не би прифатил такво нешто“.

„Не верував дека работите ќе бидат вакви минатиот ноември. Не можев да замислам дека ќе живееме во земја каде нео-нацисти парадираат со факели во Шарлотсвил и се прават шеги за Покахонтас пред Навахо шифранти. Сите ние треба индивидуално да одлучиме кога ќе се оградиме од тоа“, рекол Хенкс.

Мерил Стрип пред една година, на церемонијата на доделување Златни глобуси, упати остри критики за однесувањето на Трамп, на што претседателот возврати со навреди преку Твитер.

Филмот „Пост“ почнува да се прикажува во светските кино-сали од средината на јануари.