Драмите „Моќта на кучето“ и „Белфаст“ водат по бројот на номинации за Златен глобус 2022 во многу контроверзен период од историјата на оваа награда.
„Белфаст“, сместен во Северна Ирска во седумдесеттите години и вестернот „Моќта на кучето“ на режисерката Џејн Кемпион добија по седум номинации за наградата. Четири номинации имаат сатирата за глобалното затоплување „Не гледај нагоре“, филмот за таткото на тенисерките Венус и Серена Вилијамс, „Кралот Ричард“, новата верзија на класичниот мјузикал „Приказна од западната страна“ во режија на Стивен Спилберг, како и приказната за растењето „Пица Ликорис“ на режисерот Пол Томас Андерсон.
За најдобри актери номинирани се Лејди Гага за „Куќата Гучи“, Никол Кидман за „Да се биде Рикардови“, Вил Смит за „Кралот Ричард“, Кристен Стјуард за „Спенсер“ и Дензел Вашингтон за „Трагедијата на Магбет“.
Победниците ќе бидат објавени на 9-ти јануари, но форматот на церемонијата се` уште не е познат откако телевизијата Ен-Би-Си се откажа од преносот поради контроверзиите поврзани со организацијата која гласа за наградите.
Здружението на холивудските странски новинари (ХФПА) беше критикувано бидејќи немаат црнци членови во организацијата, а се води и спор околу тоа дали влијаат нивните блиски односи со холивудските студија во изборот на номинираните и победниците. Том Круз поради овие сомнежи ги врати сите свои три Златни глобуси.
ХФПА во меѓувреме прими 21 нови членови, од кои шестмина се црнци, забрани добивање подароци и услуги и воведе обуки за сексуална злоупотреба и различности. Здружението сега брои 105 членови.
„Иако Златните глобуси нема да имаат пренос во јануари 2022 година, продолжуваме со нашата 78 години долга традиција. Претходниве осум месеци беше тешко, но горди сме на промените кои досега ги постигнавме“, стои во отвореното писмо на ХФПА.
Но, и покрај ова, големите филмски и телевизиски куќи се дистанцираа од наградите и не пријавиле свои програми за разгледување како што правеле во минатото, пренесува Ројтерс. Се` уште не е познато дали номинираните актери, режисери и музичари ќе учествуваат на церемонијата на почетокот од следната година.