Со доделување на награди вчера заврши третото издание на Галичник филм фестивал што годинава се одржуваше под мотото „Диши длабоко и погледни кон небото. Си замисли желба? Се гледаме на Галичник!“. Жирито во состав на актерот Никола Ристановски, драмскиот автор Дејан Дуковски и режисерката Елеонора Венинова ги избра најдобрите краткометражни филмови меѓу сите 23 што влегуваа во официјалната селекција.
Наградата за најдобар игран филм припадна на филмот „Бело Око“ во режија и сценарио на Томер Шушан што жирито го опиша како маестрално третирање на приказната со комплексна едноставност, со елементи на „Злосторство и казна“ каде што главниот протагонист се казнува самиот себе со потрагата по правда.
Филмот ги доби и наградите за најдобро сценарио и најдобар актер, за актерите Даниел Гад и Давид Теклеаб.
Морад Мостафа ја доби наградата за најдобра режија за филмот „Што не знаеме за Маријам“, а истиот филм се закити и со наградата за најдобра фотографија, за како што велат организаторите, неверојатната симбиоза меѓу режисерскиот израз и фотографијата во ефективното третирање на приказната.
Наградата за најдобра актерка ѝ припадна на Рита Абела за филмот „Голема“.
За најдобар документарен филм е избран „Кино Мортус“ кој ја раскажува приказната за една горлива тема на филмските работници, а тоа е бавното изумирање на киното кој што младата авторка, како што се вели во соопштението, на навистина интересен и интересен и умешен начин го доловува користејќи и архивски снимки и снимени интервјуа.
За најдобар анимиран филм пак, е избран „Хромозомот Х“, кој според жирито на интензивен начин што користи моќни и визуелни и музички и сценаристички изразни средства навистина остава огромен впечаток.
Специјално Признание за филмот „Голема“ доби режисерката Даниеле Пини, наградата од публика отиде кај филмот „Богатство“.
Фестивалот е поддржан од Агенција за филм на Република Северна Македонија, а го реализираат „ДАРМА ФИЛМ“ и месната заедница Галичник.
Фото: Галичник филм фестивал