Белоруската спринтерка Кристсина Тсиманоскаја, која требаше да настапи на трките на 200 метри во женска конкуренција на Олимписките игри, побарала помош од Меѓународниот олимписки комитет откако се пожали дека нејзините власти се обиделе да ја депортираат од Јапонија.
Атлетичарката тврди дека таа била однесена до аеродромот во Токио против нејзина волја за да биде присилно вратена во Белорусија кога побарала помош од локалната полиција.
Неколку часа подоцна Тсиманоскаја преку социјалните мрежи соопшти дека е безбедна и дека се наоѓа под полициска заштита во Јапонија.
Претходно Тсиманоскаја упати критики до белоруските спортски власти поради тоа што по грешка ја пријавиле за натпреварувачка дисциплина за која таа воопшто не се подготвувала, а во обраќање објавено на Јутјуб изјавила дека не сака да се врати во Белорусија.
Белорускиот олимписки комитет е раководен од Виктор Лукашенко, син на претседателот Александар Лукашенко. Оттаму тврдат дека Тсиманоскаја била суспендирана од Олимпијадата поради „одлука на медицинскиот тим кои одлучиле дека таа не е во емотивна и психолошка состојба да се натпреварува“.
Александр Опеикин, претставник на Фондацијата за белоруска спортска солидарност, изјавил дека атлетичарката била мета на приврзаниците на авторитарната власт на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
„Кампањата против неа беше навистина сериозна и тоа беше јасен сигнал дека нејзиниот живот во Белорусија би бил во опасност“, рекол Опеикин.
Според него Тсиманоскаја рекла дека ќе побара азил од австриската амбасада.
Фондацијата беше формирана минатиот август од пензионираниот белоруски пливач Александра Херасимениа, по избивањето на протестите во земјата поради оспорениот реизбор на Лукашенко. Организацијата обезбедува финансиска и правна помош за белоруските спортисти кои се мета на тамошните власти.
Од Меѓународниот олимписки комитет соопштија дека за случајот со Тсиманоскаја ќе бараат официјално објаснување за проблемот од белоруските власти.