Белоруската новинарка Ирина Слауникава е осудена на пет години затвор, додека владата во Минск продолжи да се пресметува со медиумите, по масовните протести предизвикани од претседателските избори, јавува Радио Слободна Европа.
Изборите се одржаа пред две години, а на нив победи авторитарниот лидер Александар Лукашенко кој е близок до рускиот претседател Владимир Путин. Режимот на белорускиот претседател уапси илјадници граѓани и активисти од изборите во 2020 година.
Судијата од Окружниот суд во Гомељ, Микалај Долја ја прогласи Слауникава за виновна за водење екстремистичка група и организирање активности кои го нарушуваат општествениот поредок.
Обвинителите побараа четири години затвор за Слауникава, но не е јасно како се изјаснила таа, бидејќи судењето се одвиваше зад затворени врати.
Поранешната дописничка на телевизијата Белсат на која и беше судено во јуни годинава, првпат беше уапсена заедно со нејзиниот сопруг Александар Лојка на крајот на октомври, минатата година. Двајцата тогаш беа осудени на 30 дена затвор под обвинение за „дистрибуирање екстремистички материјал“ и „помало хулиганство“.
По издржувањето на затворската казна, Слауникава повторно беше обвинета, овој пат за „водење екстремистичка група“ и „организација и подготовка на настани кои го нарушуваат општествениот поредок“.