Новинарот-дисидент Роман Проташевич, кој беше уапсен во Белорусија пред две години откако неговиот лет беше присилно приземјен, е осуден на осум години затвор, јави државната новинска агенција БЕЛТА, пренесе Ал Џазира.
27-годишниот Проташевич во мај 2021 година се наоѓаше на лет од Грција кон Литванија, кога авионот наеднаш мораше да биде приземјен во белорускиот главен град Минск поради лажна дојава за бомба. По слетувањето тој заедно со неговата девојка беа уапсени. Западните лидери овој потег го нарекоа „киднапирање“ и повикуваа белоруските власти да го ослободат новинарот.
Тој беше уредник на белорускиот онлајн медиум и Телеграм канал Некста, преку кој се пренесуваа снимки од масовните протести против белорускиот претседател Александар Лукашенко во периодот кога странските медиуми имаа ограничен пристап да следат што се случува во земјата.
Два други основачи на каналот Некста, Степан Путило и Јан Рудник, беа осудени во отсуство на 20 и 19 години затвор.
Случајот Проташевич – „голема грешка која го врати фокусот на политичката криза во Белорусија“
Според БЕЛТА, Проташевич беше обвинет за вкупно 1.586 кривични дела. Меѓу обвиненијата против него беа организирање на масовни насилни протести, подготвување активности за силно нарушување на јавниот ред, повикување за санкции против Белорусија, создавање или предводење на екстремистичка групација и заговор за преземање на власта.
Обвинителите бараа 10-годишна затворска казна за Проташевич.
Протестите против Лукашенко се интензивираа во 2020 година, кога тој победи на претседателските избори кои критичката јавност ги карактеризираа како целосен фалсификат. Властите активно се обидуваа да го задушат ова јавно незадоволство, при што илјадници луѓе беа уапсени, меѓу кои и многу новинари.
Популарниот Телеграм и Јутјуб канал Некста играше важна улога во протестите, а платформата од белоруските власти беше прогласена како „терористичка организација“ и доби целосна забрана.
Според белоруската независна организација за заштита на правата „Вјасна“, во моментов во државата има 1.500 политички затвореници.