Финансиската полиција во Белорусија вчера изврши рации во канцелариите на водечкиот интернет медиум во земјата, „TUT.by“, во живеалиштата на неколкумина вработени, а во меѓувреме беше блокиран и пристапот до веб-страницата на медиумот. Причината за претресите е кривична постапка која е покрената за наводно затајување данок.
Полицијата во текот на вчерашниот ден привела вкупно 12 лица, меѓу кои и уредници, новинари, директори, сметководител. Некои од приведените подоцна беа ослободени.
„Најопасната земја во Европа за медиумските работници“
Непосредно пред овој случај, Радио МОФ разговараше со новинарот и претседателот на Белоруската асоцијација на новинари (БАЈ) Андреј Бастунец за тоа каква е ситуацијата со правата на новинарите во земјата.
Од постоењето на независниот печат во Белорусија, минатата година и првите месеци од оваа година се покажаа како најтешки за тамошните медиуми. Настаните кои следеа по претседателски избори одржани минатиот август, на кои повторно беше реизбран актуелниот претседател Александар Лукашенко, кој владее веќе 27-ма година, резултираа со околу 480 уапсени новинари и бројни напади врз новинари и медиуми, двојно повеќе од вкупниот број во претходните шест години.
На овој начин, Бастунец ја опишува состојбата со новинарските права во земјата, која е оцената како „најопасната земја во Европа за медиумските работници“, според меѓународната организација „Репортери без граници“.
Во целиот овој период, во оваа источноевропска земја, тој појаснува дека со гумени куршуми биле ранети три новинарки додека ги извршувале своите работни задачи. Во меѓувреме, 19 новинари добиле кривични пријави, a 12 се во затвор.
„Општо, доаѓа до израз систематската природа на притисокот од властите во сите области поврзани со медиумите. Во првите денови по изборите и за време на масовните протести во Белорусија, Интернетот беше блокиран. Од август, пристапот до повеќето независни страници е затворен во земјата. Најголемиот Интернет портал во Белорусија ‘Tut.by’, е лишен од статусот медиум. Сопствениците и администраторите на каналите на ‘Телеграм’ и ‘Јутјуб’ и на локалните апликации за разговори се гонат (од кривична пријава до прогласување на нивните ресурси како екстремистички)“, објаснува Бастунец.
Печатниците во земјата одбиле да печатат неколку весници како „БелГазета“, „Народна волја“ и слични, додека дистрибутивните системи одбиле да ги продаваат или да се претплаќаат на нив. Така, забележува тој, биле принудени да престанат да печатат весници.
„Регионалните весници ‘Intex-press’ и ‘Gantsavitsky Chas’ беа исфрлени од киосците, продавниците и каталозите за претплата. Извршен е претрес во редакцијата на ‘Газета Слонимскаја’ и запленета е целата редакциска опрема, како резултат на што беше прекинато објавувањето на весникот. Најмалку 100 странски новинари кои сакаа да известуваат за изборите во Белорусија не добија акредитација. Во септември им беше одземена акредитацијата на сите странски дописници кои претходно ја добија“, истакнува Бастунец.
Две години затвор за снимање во живо
Тековните протести кои започнаа во август, продолжија и во следните месеци. Па така, во ноември, новинарките Катерина Андреева и Дарја Чулцова од телевизијата „Белсат“ која е стационирана во соседна Полска, а емитува за белоруската публика, беа приведени бидејќи во живо пренесуваа еден од протестите.
Неколку месеци подоцна, на 18 февруари, беа осудени на две години затвор, откако беа „именувани како организатори на протестната акција“, поради директното известување од настанот, се потсетува Бастунец.
„Кривичното гонење за нив го сметам како грубо кршење на слободата на изразување и обид за заплашување на новинарите и создавање пречки за нивната работа. Би сакал да напоменам дека се прават измени и дополнувања на Законот за масовни медиуми, кои всушност забрануваат преноси од масовни активности и ги изедначуваат новинарите со нивните учесници“, објаснува тој.
Меѓу новинарите зад решетки се наоѓаше и Катерина Боришевич од „Tut.by“, која беше осудена на 6 месечна затворска казна, а која денеска излезе на слобода. Нејзиното дело беше поврзано со известувањето за смртта на Роман Бондаренко, еден од учесниците на масовните протести. Новинарката навела дека според лекарите Бондаренко не бил пијан, што било спротивни на изјавите на претседателот Лукашенко.
„Роднините на починатиот дадоа согласност за споделување на оваа информација, но судот ја осуди Катерина како виновна за откривање на лични информации и ја осуди на затворска казна од 6 месеци. Докторот кој ги дал информациите бил исто така осуден. Ниту еден од инволвираните во смртта на Бадаренко сè уште не е идентификуван, и покрај видео и аудио-снимките од инцидентот“, вели тој.
Алтернативни начини да се дојде до релевантни информации
Бастунец посочува дека ограничувањата на пристапот до веб-страниците доведоа до нагло зголемување на интернет-сообраќајот на „Телеграм“, апликација е специфична поради нејзината брзина и безбедност.
Еден од главните канали за информирање тука е медиумот „Некста“ кој непосредно по изборите, според „Евроњуз“ беше посочен како главен извор за информации за многумина. Уште од почетокот на протестното движење, таму беа објавувани бројни снимки и фотографии за текот на протестите, апсењата, прогонувањата и слично од бројни градови во земјата.
Денеска, на овој канал се претплатени повеќе од милион и двеста илјади луѓе.
„Покрај тоа, белоруската публика научи да ги заобиколува ограничувањата преку VPN и други технички средства. И независните ресурси почнаа да ги дистрибуираат своите производи преку ‘огледални’ веб сајтови и да ја интензивираат својата работа во социјалните мрежи. Во денешно време, невозможно е целосно да се блокираат информациите“, објаснува Бастунец.
Претрес и притисок врз здруженија и активисти
Утрото на 16 февруари, полициски службеници извршија претрес во живеалиштата на повеќе новинари и активисти за човекови права.
Во акцијата, цел на рацијата беа и просториите на БАЈ. Бастунец вели дека ова не е прв пат асоцијацијата да се соочи со притисок, но, дека за прв пат се случил претрес и конфискација на нивната опрема, што дополнително ја комплицирало нивната работа.
„Безбедносните сили запленија компјутери, телефони, пари, документација. Бирото на БАЈ е запечатено, банкарската сметка е блокирана, а печатот на организацијата е одземен. Само еден месец подоцна, успеавме да постигнеме деблокирање на канцеларијата и сметката, враќање на печатот. Сепак, запленетите документи и опрема на организацијата и нејзините членови сè уште се во Истражниот комитет“, посочува Бастунец.
Причина за таквиот претрес бил членот 342 од Кривичниот законик, односно, „организација и подготовка на дејствија што грубо го нарушуваат јавниот ред, или активно учество во нив“, појаснува Бастунец, кој додава дека новинарите и активистите за човекови права се поистоветуваат со организаторите или учесниците на масовните протести.
Единствениот позитивен момент за новинарите во изминатиот период е солидарноста
Поддршката од општеството кон новинарите во последниот период се зголемила, а единствениот позитивен момент за новинарите е солидарноста, објаснува Бастунец.
„Ако порано се чинеше дека слободата на изразување не е од голема вредност за мнозинството Белоруси, сега сме убедени во спротивното. Акциите за одбрана на новинарите и медиумите, нивната финансиска поддршка и интересот на публиката за материјалите на независните медиуми ја покажаа важноста на слободата на говорот во неслободна земја. Денес во Белорусија законот не штити. Денес го браниме правото“, вели тој.
Политичката ситуација Бастунец сега ја опишува како „неисполнување на правдата“. Властите, како што посочува тој, ги задушиле масовните протести со брутални мерки како парични казни, административни апсења, претреси и кривични случаи.
„Последен ‘случај од големо значење’ беше кривично дело во врска со наводно претстоен воен удар (без учество на војската). Оние кои беа идентификувани како демонстранти од страна на властите, немаа можност да се бранат со законски средства. Многумина се затворени. Многумина ја напуштаат земјата. Протестот се најде заглавен внатре, и прераснува во друга форма – како оган што тлее под тлото“, заклучува тој.
Новинарка од Минск за Радио МОФ: „Луѓето сфаќаат дека режимот нема иднина“
Мартин Колоски
Превод од белоруски: Александра Стевковска