„Бендкемп“ отпушта половина од вработените по откупот на „Сонгтрејдр“

Половина од персоналот во „Бендкемп“ (Bandcamp), онлајн музичката платформа позната по залагањето за независни уметници и лабели, беа отпуштени по неодамнешното купување на компанијата од стартапот за лиценцирање музика „Сонгтрејдр“ (Songtradr), објави Гардијан.

„Сонгтрејд“ го потврди купувањето од „Епик Гејмс“ (Epic Games) минатиот месец, пишувајќи: „Оваа аквизиција ќе му помогне на ‘Бендкемп’ да продолжи да расте во компанија што ја става музика на прво место и ќе му овозможи на ‘Сонгтрејдр’ да ги прошири своите способности за поддршка на заедницата на уметниците“.

Финансиските услови не беа откриени.

Објавувајќи ги отпуштањата, „Сонгтрејдр“ истакна дека го завршија купувањето на „Бендкемп“ и објасни: „Во текот на изминатите неколку години оперативните трошоци на ‘Бендкемп’ значително се зголемија… По сеопфатна евалуација, вклучувајќи ја важноста на улогите за непречено деловно работење и претпостоечките функции во ‘Сонгтрејдр’, 50% од вработените во ‘Бендкемп’ прифатија понуди да ни се приклучат. Оние кои не добија понуди ќе добијат отпремнина од ‘Епик’ како дел од нивните отпуштања како што беше соопштено на 28 септември“.

Ова значи дека на останатите 50% нема да им бидат обновени договорите.

Истовремено, тврдат дека „се посветени да ги задржат постоечките услуги на ‘Бендкемп’ што ги сакаат обожавателите и музичарите, вклучувајќи го и првичниот прилив за артистите, и петочните и дневни Бендкемп понуди“.

Бендкемп, онлајн музичка продавница и заедница со повеќе од пет милиони артисти и лабели е основана во 2007 година и купена од развивачот на „Фортнајт“ – „Епик Гејмс“ во март минатата година. Позната е по поддршката на андерграунд музиката со тоа што им дозволува на луѓето да преслушуваат и купуваат онлајн музика или физички носачи на звук директно од музичарите и издавачките куќи, а ‘Бендкемп’ зема мал надомест. Бендкемп нема реклами, не бара услови за користење како други комерцијални платформи, може да се преслушува музика пред некој да се реши да ја купи, па е сметана за една од последните бастиони на независната сцена.

Иницијативите на Бендкемп кои станаа претпознатливи меѓу слушателите се „Bandcamp Daily“, која промовира музика надвор од мејнстримот, и Bandcamp Fridays, промоција започната за време на пандемијата „Ковид-19“ каде што таксите на компанијата се укинуваат во одредени петоци за да се максимизира приливот за уметниците и лабелите. Компанијата вели дека нејзините клиенти потрошиле 1,2 милијарди долари во текот на животот на компанијата, при што просечно 82% од приходот оди на артистите и издавачките куќи.

Во соопштението споделено на социјалните мрежи од синдикатот на работниците, Бендкемп Јунајтед, веста за отпуштањата е опишана како „срцепарателна“.

„Ние ги сакаме нашите работни места, платформата што ја изградивме и заедницата Бендкемп. Драго ни е што го имаме нашиот синдикат – соработници кои меѓусебно си чуваме грб. Ќе се движиме заедно за да одлучиме кои се нашите следни чекори. Во среда се враќаме на преговарачката маса со Epic Games и ќе ве информираме“, објавија од синдикатот.

Синдикатот се бореше за признавање од „Сонгтрејдр“, а на 12 октомври преку објава на интернет ги повика луѓето да потпишат петиција за да можат да започнат преговори со новите купувачи, за да им понудат работа на сите вработени.

Две недели претходно, „Сонгтрејдр“ му кажа на синдикатот дека нема да ги прошири понудите за работа на целиот персонал на „Бендкемп“.