Еден од омилените миленијалски состави од регионот, „nemanja“, во петок (15 ноември), ја продолжува својата балканска турнеја во скопското Кафе и кино „Котур“. Станува збор за бенд составен во Пула, Хрватска чиј звук е психо-грув, под влијание на фолклорниот жанр Кумбија од Колумбија, инспирирн од афро-колумбиската, турската, југоисточно азиската музика.
На концертот ќе биде претставена новата постава на бендот, како и трилогијата од албуми – „Tarot Funk“, „Cosmic Disco“ и „Voodoo Beat“.
„Актуелниот албум ‘Voodoo Beat’, кој веќе година дена е активно промовиран низ локални фестивали и клубови, го носи претпознатливиот егзотичен и ориентален звук на ‘nemanja’. Овој пат, бендот спојува на изглед неспојливи жанрови во тропско-медитерански танц, креиран за публика која ужива во врел афро-колумбиски ритам и тропска егзотика“, се вели во најавата за настапот.
Бендот е составен од Лука Шипетиќ, Лаура Матијашевиќ и Ана Ковачиќ, како и новите членови Лаура Тандариќ и Џуро Добраниќ. Овој состав летните денови ги помина по регионални фестивали во Словенија, а моментално се на есенска турнеја.
„Овие настапи ни се можност да ја заокружиме оваа година на најдобар можен начин – преку енергијата што ја споделуваме со публиката и преку музиката што не поврзува. Едвај чекаме да споделиме сѐ што создадовме во живо и на луѓето да им приредиме незаборавно искуство“, вели фронтменот, Лука Шипетиќ за претстојните концерти.
„nemanja“ е проект на Лука Шипетиќ, кој за првпат го претставува во 2019 година со својот албум „Tarot Funk“. Спојот на источен и анадолски фанк му го зеде вниманието на публиката, но и на критичарите. Со тоа се роди бенд кој го привлече вниманието на регионалната сцена, додека со албумот ги освоија регионалните и европските музички топ листи, потврдувајќи дека искрениот израз не познава граници.