Поради изолацијата за коронавирусот, институцијата продолжува со бесплатни виртуелни концерти.
Берлинската Филхармонија ги затвори своите сали, но легендарниот оркестар соопштил дека веќе нема да се наплаќа сервисот за онлајн стримање, попознат како дигитална концертна сала.
„Филхармонијата ќе биде затворена до 19 април за да се спречи ширењето на вирусот, но оркестарот ќе продолжи да функционира преку дигиталната концертна сала. Ве покануваме да ја посетите нашата виртуелна сала бесплатно”, пишува во соопштението на Филхармонијата.
Олаф Менинџер, челист кој е дел од медиа одборот, изјавил дека во вакви услови, рационално е да се продолжи со расположување на што повеќе луѓе.
„На нас веќе ни недостасува нашата публика и се надеваме дека преку овој начин ќе останеме во контакт со неа, макар и виртуелно“, истакнал тој.
Дигиталната концертна сала нуди повеќе од 600 концерти, а петнаесетина од нив се предводени од новиот маестро, Кирил Петренко.
Исто така, достапни се документарци за историјата на оркестарот и портрети на диригентите и членовите на оркестарот.
„Во вакви времиња, потребна ни е музика, па затоа мојот оркестар одлучи да ја отвори дигиталната концертна сала во наредните неколку недели и преку бесплатните концерти да се одржува духот на луѓето. Достапни се интересни содржини, разгледајте ги и останете здрави. Поздрав со лакти од Берлин“, објавила на социјалните мрежи Сара Вилис, една од музичарките во хорот.
За да ја искористите бесплатната понуда, логирајте се на дигиталната концертна хала, користејќи го кодот „BerlinPhil“.