На задоволство на најпребирливите и на оние кои секогаш трагаат за нешто подобро, еден од хедлајнерите на првото издание на „Аква парк фест“ ќе биде македонскиот пост-панк бенд Bernays Propaganda, кој веќе го потврди својот статус како еден од најдобрите нови бендови во регионот и наметна нови стандарди за инди-музичарите.
Во изминативе 6 години постоење, бендот има одржано повеќе од 300 концерти, а во моментов е на маратонска турнеја во која се вклучени 64 концерти низ Европа. На оваа турнеја Bernays Propaganda го промовира својот трет студиски албум „Забранета планета“. Новото исклучително издание беше објавено во февруари годинава, а воодушевувајќи ги рецензентите ширум регионов, го одреди бендот како име кое претставува врв на пост-панк културата. Препознатливиот бунтовен звук и социјално ангажирана музика која го карактеризира и овој албум, Bernays Propaganda ќе го претстави и пред публиката на Аква Парк Фест.
Цврстиот звук на Аква парк фест доаѓа со настапот на SMUT,легендите на македонскиот хардкор кои веќе седумнаесет години важат за херои на вљубениците во овој моќен музички стил. Самото име на овој бенд е гаранција за незаборавно енергично искуство, а со секој свој концерт демонстрираат нов врв на концертната хардкор експлозивност.
Посебно концертно уживање на првото издание на фестивалот ќе биде настапот на Foolish Green. Групата неодамна го објави својот прв албум „Escape“, кој е едно од ретките психоделик поп / рокeнрол изданија на нашите простори. Концертната промоција на деби изданието на овој состав беше своевиден феномен на македонската сцена, резултирајќи со два целосно распродадени концерти.
Организаторите ги потсетуваатсите демо бендови дека утре (24 април) се затвора конкурсот кој им нуди шанса да ја почувствуваат фестивалската атмосфера со настап пред бројна публика.