Мојот црн ранец, претходно логистичкиот и гикерски центар на мојот живот, сега стои занемарен во ќошот, непотребен, бидејќи Ковид-19 ненадејно го прекина мојот безмалку постојан распоред на патувања.
Животот продолжи, со мали пореметувања, ако не и целосно нормално. Сепак имам доволно простор, опрема и интернет конекција за да работам удобно од својот дом. На некој начин, животот стана поефикасен. Помалку „џетлег“. Повеќе разумност.
Не сум само во ваквото искуство. Оние од нас, кои имаат среќа да се на работни места кои можат да се извршуваат од дома, ги средивме алатките за видео-конференции и го променивме начинот на кој функционираме. Каде што е можно, многу деца се прилагодија, помалку или повеќе, на виртуелни училници и потребата да се натпреваруваат со родителите за работниот простор.
Остануваме поврзани со нашите сакани преку компјутерските екрани на начини кои не ни беа замисливи пред три месеци, додека кризата покрена голем број утешни механизми – од експлозија на онлајн квизови, уметнички часови и вежби за златното време на мемињата.
И додека многу од нас се снаоѓаа во затворен простор, гледаме примери на прекрасен колективен напор и поддршка: заедниците се солидаризираа за да си помогнат едни на други и на најранливите, со одржување дистанца од две метри.
Во сите овие нешта интернетот беше критична сила на заедништво, овозможувајќи работа, учење, социјални активности и заемна поддршка. Неговата намена секогаш беше да биде платформа за соработка и креативност на растојание, но одлично е да се види дека се користи повеќе од било кога и како средство за сочувство на далечина. Ова, секако, е случај ако интернетот ни е при раце. Но ние сме среќните. Милијарди луѓе немаат опција да се вклучат онлајн ниту во нормалност, ниту во време кога тоа им е неопходно. Огромниот дигитален јаз претставува проблем за скоро половина од Планетата кога е најголема потребата од интернетот.
Оваа поделба најактуелно се доживува во земјите во развој. Состојбата е особено лоша низ Африка, каде само еден од секој четири луѓе може да пристапи на глобалната мрежа и да ги има придобивките кои многу од нас ги земаме здраво за готово. Жените се особено исклучени во светот во развој, каде мажите имаат 21% поголем онлајн пристап, кој се зголемува на 52% во најмалку развиените земји.
Предизвикот се проширува и на најбогатите земји исто така. 60 илјади деца во Велика Британија немаат интернет во својот дом, а технолошката сиромаштија ограничува голем број други деца од онлајн учење, додека училиштата остануваат затворени.
Во САД, се проценува дека 12 милиони деца живеат во домови без широкопојасен интернет, а луѓето ги паркираат автомобилите пред училиштата и кафулињата очајни за конекција која е доволно добра за да учат или работат „од дома“. Оваа нееднаквост спаѓа во истата линија со веќе познатите – поделбите по богатство, раса и рурално/урбано.
Работата од дома не е опција за многумина – вклучително и некои кои имаат работа која може да се врши на далечина. На бизнисите во места без инфраструктура за онлајн трговија им е оневозможена алатка која останатите компании во светот ги држи во живот.
Алијансата за прифатлив интернет, иницијатива на Фондацијата „Ворлд Вајд Веб“ која ја основав заедно со Розмари Лит, побара итни мерки кои треба да ги обезбедат владите и компаниите за да се обезбеди оваа неопходност за луѓето во најбрз можен рок.
Се наоѓаме во свет каде е сè потешко да се живее без пристап до интернет. А, сепак, дигиталниот јаз нема да исчезне кога кризата ќе заврши. Сè побрзото марширање кон дигитализацијата стана спринт. Мораме да се осигураме дека оние кои во моментов се наоѓаат во бавната лента имаат методи со кои би ги стигнале другите. Инаку милијарди луѓе ќе бидат оставени во прашината во позадина. Додека Ковид-19 принуди огромни промени во нашите животи, ние имаме можност за голема, храбра акција која препознава дека, како струјата во минатиот век, и поштенските услуги во векот пред тоа, интернетот е основна алатка која владите и бизнисите треба да ја комбинираат и да ја обезбедат како основно право.
Историјата покажува дека по сите големи глобални тешкотии, имало големи напори за поравки на штетите и обнова, во што некои се поуспешни од другите. Во средина на оваа криза, мораме да се стремиме да осигураме дека нешто добро ќе излезе од ова црнило.
Интернетот може и мора да биде за сите – сега е нашиот момент да го направиме тоа. Имаме технички можности за да го поврземе целиот свет преку суштински и евтини начини. Сега ни е потребна волја и инвестиции.
Владите мора да предводат. Тие мора да инвестираат во инфраструктурна мрежа, не само во урбаните центри, туку и во руралните средини каде само пазарните сили не се доволни за да се поврзат жителите. И бидејќи цената на интернетот останува една од најголемите бариери за пристап, овие мрежи мора да бидат ефикасни. На пример, политики кои ќе овозможат споделување на инфраструктурната мрежа од интернет сервисите и закони направени така што ќе обликуваат конкурентни пазари за податоци, кои ќе можат да ги намалат крајните цени за корисниците.
А, за да се поврзат сите, владите ќе мора да се концентрираат на вообичаено исклучените групи – луѓето со ниски примања, жените и оние во руралните средини. Ова значи и финансирање на пристап до иницијативи за дигитална писменост, за да се осигура дека секој ќе ги има вештините за користење на интернетот на корисен начин.
Интернет провајдерите ќе мора да инвестираат во квалитетот, стабилноста и опфатот на мрежата со цел да се осигура дека сите ќе имаат високо-квалитетна конекција. Сме виделе експерименти со дронови, балони и сателити за да се поврзат тешко достапните локации. Иако овие начини не се замена за добрите политики и инвестиции во докажаните технологии, иновациите како овие се добредојдени во целата ситуација.
Ништо не ги спречува владите и компаниите да го направат овој избор сега, да го забрзаат прогресот со пристап до интернет каде вакви добри промени се случуваат и повеќе да ги засилат напорите во местата каде нема такво нешто.
Најпосле, сите ние можеме да имаме наша улога како индивидуи. Доколку сте зависеле од интернетот во последно време, зарем не должите и на другата половина од светот да им помогнете во ваквата придобивка?
Барајте акција од вашата влада за да стави приоритет на универзалната интернет покриеност. Поддржете ги технолошките невладини организации, како Фондацијата „Ворлд Вајд Веб“. Помогнете на „Договор за интернетот“ – заеднички проект за изградба на подобра светска мрежа со универзална покриеност како клучен приоритет.
Исто како што луѓето се борат за чиста вода и пристап до образование, потребна ни е глобална кампања за универзален пристап до интернет.
Мораме, секако, повеќе од било кога претходно, да бидеме претпазливи со недостатоците на интернетот – нарушување на приватноста, дезинформациите, оналајн родовото насилство кое стана премногу присутно. Но овие реални проблеми не смеат да не дефокусираат од нашата основна цел – овозможување интернетот да биде достапен за сите.
Исто како што светот одлучи дека електричната енергија и водата се основни потреби кои мора да бидат достапни до сите, без оглед на цената, мора да прифатиме дека сега е момент да се избориме за интернетот како основно право. Ајде да бидеме генерацијата која ќе обезбеди универзален интернет пристап.