Постојаниот комитет на Бернската конвенција бара запирање на сите владини инфраструктурни проекти во Националниот парк Маврово, особено на предвидените хидроенергетски проекти Бошков Мост и Луково Поле.
Минатата недела во Советот на Европа се одржал состанок на Постојаниот комитет на конвенцијата за заштита на европскиот жив свет и природните живеалишта (Бернската конвенција) на кој беше разгледан случајот за Националниот парк Маврово. Случајот беше отворен во 2014 година, поради постоење основано сомнение дека Македонија ги прекршува одредбите на Конвенцијата со носењето на одлука за изградба на 22 хидроелектрани на територијата на националниот парк. Тогаш, Постојаниот комитет одлучи независни експерти и набљудувачи да спроведат истрага со цел да се утврди степенот на закана за биодиверзитетот од планираните хидроенергетски проекти. Оваа истрага беше спроведена во јуни оваа година, а заклучокот e дека „Планираните хидроцентрали во НП Маврово не се компатибилни со статусот на заштита на паркот и вредните екосистеми и видови и како такви тие треба да бидат напуштени“.
Извештајот дополнително ја потенцира исклучителната вредност на Националниот парк за балканскиот рис, критично загрозен подвид на евроазискиот рис, од кој се преостанати помалку од 40 единки. „Балканскиот рис од неодамна и официјално е запишан на светската црвена листа на Меѓународната унија за заштита на природата, а Маврово и неговата поблиска околина се наведени како единствено подрачје во кое тој сè уште се размножува“, потенцираа од Македонското еколошко друштво.
Заклучокот на независните експерти беше остро негиран од страна на делегацијата на Владата на Македонија за време на состанокот, и покрај тоа што преку Министерството за животна средина и просторно планирање, АД ЕЛЕМ и најмените експерти, директно учествуваше во набљудувачката мисија.
Усвоената препорака на состанокот минатата недела бара сите владини проекти во рамки на територијата на НП Маврово да бидат суспендирани сѐ додека не се подготви Стратешка оцена за влијанието врз животната средина, ставајќи посебен акцент на кумулативните ефекти на сите планирани инфраструктурни проекти и активности на територија на паркот, како и долгорочните ефекти на водните режими на реките Дрим и Вардар.
Дополнително, во рамки на оцената, Македонија треба да одговори на специфичните потреби за зачувување на видовите за кои Националниот парк Маврово носи посебна одговорност, вклучувајќи ги видовите и живеалиштата за кои ова подрачје е номинирано за ткн. „Емералд“ подрачје и да ги земе предвид при носење на Планот за управување со подрачјето. Усвоените препораки се резултат на жестока дебата во Советот на Европа и се дипломатска модификација на оригинално предложените, многу поостри препораки.
„Имајќи предвид дека Македонија ја има ратификувано оваа конвенција во 1997 година, усвоените препораки се задолжителни. Согласно Уставот на РМ, меѓународните договори се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закони и владини одлуки. Доколку постои непочитување на овие договори, тоа претставува прекршување на меѓународниот правен поредок“, вели Александра Бујароска од организацијата Фронт 21/42.
Комитетот усвои и посебна препорака за ЕБОР и Светска банка повикувајќи ги „меѓународните финансиски институции да ги земат предвид резултатите од Стратешката оцена за влијание врз животната средина пред одлучувањето за финансирање на хидроенергетски проекти во паркот“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
Препораката кон Македонија да ги суспендира проектите треба да биде доволен сигнал за банките да се повлечат од контроверзните проекти, бидејќи стратешката оцена не се очекува да даде спротивен став за нивното влијание.