Вработени во јавното претпријатие за комунални услуги, граѓани, вработени во општинската администрација и граѓани ангажирани преку програмата за јавна работа денеска организираа акција во која се собираа пластични шишиња и други отпадоци оставени во гаснењето на големите шумски пожари кои го зафатија беровско-пехчевскиот регион, информираше градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.
Во текот на вчерашниот ден пак, како што пишува во Фејсбук објавата на Пекевски, деца од селото Будинарци исто така самоиницијативно собирале пластични отпадоци кои биле оставени по борбата со огнената стихија која се закануваше на нивното село.
Ваквата акција следува по големите пожари кои го зафатија овој регион кои траеа неколку денови, додека вчера надлежните информираа дека пожарите таму се ставени под контрола.