Општина Берово и Општина Сопиште се меѓу првите кои ќе субвенционираат стерилизации на домашни миленици на нивна територија, информираат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.
Јавниот повик што го објави Општина Берово предвидува покривање на 100% од трошоците за стерилизација на 30 женки-кучињана територијата на општина Берово во текот на 2023 година.
Право на учество имаат сите жители на Берово, додека субвенционирањето ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“. Повеќе околу начинот на аплицирање може да се најде овде.
Општина Сопиште субвенционирањето ќе го врши заедно со ветеринарната амбуланта „Ремедиум Вет“, а услугата ќе трае до април 2024 година. На повикот на Општината може да се пријават сите жители кои имаат куче или мачка. Повеќе информации може да се видат овде.
„Субвенционираната стерилизација на домашни миленици е само една мерка и голем чекор кон воспоставување на комплетна контрола на проблемот со бездомната популација на кучиња. Се надеваме дека овој пример на одговорност ќе го следат и останатите градоначалници во нашата држава и со тоа ќе дадат свој огромен придонес кон решавање на проблемот кој трае со децении“, порачаа од „Анима мунди“.