„Бесконечна соба“ – Изложба на архитектонски проекти во МКЦ

Во среда, 13 јуни, со почеток во 20 часот, во Младинскиот Културен Центар во Скопје, ќе се отвори архитектонската изложба под наслов „Бесконечна соба“. На изложбата се претставени пет архитектонски проекти пријавени на меѓународни конкурси во Скопје, Варна и Загреб, работени во периодот помеѓу 2013 и 2018 година.

„Оваа современа архитектонска поставка ја симулира силната врска помеѓу архитектот и местото на создавање, актуализирајќи ги прашањата за неговата улога во општеството. Петте проекти нудат наши размисли за можните начини на делување во преостанатите празнини во еден современ град. Појдовна точка при конципирањето на изложбата е собата како симбол на бесконечната творечката слобода. Собата претставува тежиште на креативна енергија на авторите икреативен вакуум низ кој се испреплетуваат петтепроекти. Творејќи во овој простор авторите ја омекнуваат границата помеѓу архитектонската мечта и неизбежното секојдневие. Интимната врска меѓу авторот и собата претставува прибежиште, место на инспирацијa, поттик за систематичност, дисциплина и љубопитно истражување“, велат организаторите.

Проектите се работени од тимови составени од осум млади автори: Бранислава Ѓорѓевиќ, Елена Пазарџиевска, Нина Карангелеска, Марија Димитриевска, Силвија Шалева, Стефан Тодоровски, Биљана Смилеска и Никола Кунгуловски.

Изложбата ќе трае до 21 јуни.