Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници е дел од десетиците мерки и препораки кои ги донесе Град Скопје попладнево поради квалитетот на воздухот кој последователно веќе два дена е загаден.
Над 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10 се регистрирани на мерните станици во Центар, Лисиче, Гази Баба и Ректорат. Ваквиот потег следува по известување од Министерството за животна средина и просторно планирање за загадениот воздух и согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух.
Оттука, Град Скопје ги прогласи следниве mерки од прв степен, односно предупредувања и препораки за намалување на загадувањето на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните:
– Зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје
– Ограничување на градежни активности на објектите во надлежност на Град Скопје
– Интезивна контрола на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
– Зачестено машинско миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и препорака на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.
– Зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување на стоки издадени од страна на Градот Скопје.
– Апел до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.
– Градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
– Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот.
– Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
– Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
– Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.
– Откажување/одложување на јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено.
– Препорака градежната механизација да не се става во употреба за време на сообраќајниот метеж.
– Да се користи јавниот превоз, возилата да се користат само во непоходни ситуации.
– За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинсо масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал.
– Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и отпадоци.
– Печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.
– Редовно да се чистат оџаците.
Од Град Скопје велат дека итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот се согласно Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје кој е донесен од Советот на Град Скопје.
„Овие мерки ќе бидат во сила се додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар“, посочуваат од Град Скопје.
„Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки и да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања, малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе да не излегуваат на улица и да не се проветруваат просториите во кои се престојува“, додаваат оттаму.
Дополнително, тие велат дека започнале со сет системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух и токму ова, како што додаваат е еден од најголемите приоритети на кој ќе работи новата градска администрација.