Бесплатен јавен превоз, поскапен паркинг и запирање на градежните работи на отворено се меѓу итните мерки и препораки на Град Скопје, кои стапуваат на сила од денеска, 18 часот, поради загадувањето на воздухот.
Тие доаѓаат откако Министерството за животна средина информираше дека квалитетот на воздухот два дена по ред го надминува законски пропишаниот минимум, односно над 175 μg/m3 на мерните станици во Карпош и Лисиче.
Во продолжение, Радио МОФ во целост ги пренесува мерките и препораките на Град Скопје:
1. Град Скопје од денеска (27 јануари 2020 година) од 18 часот воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници сè до моментот на намалување на загадувањето за што јавноста дополнително ќе биде известена.
2. Град Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност. Ги повикувам сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.
3. Цената на паркирањето на паркиралиштата на „Градски паркинг“ од овој момент двојно се зголемува, и тоа важи сè до укинувањето на итните мерки.
4. Град Скопје изминатите недели вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност со мерење емисии во воздухот. Притоа извештаите се објавуваат редовно во јавноста.
5. Град Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
6. Го задолжуваме ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото тоа на улиците што се во нивна надлежност.
7. Град Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно, го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти што поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од страна на Град Скопје.
8. Апелираме до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.
9. Ги повикуваме градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите што управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
10. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9.30 до 14.30 и по 18 часот.
11. Ги повикуваме Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
12. Бараме од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чија крајна дестинација не е град Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
13. Бараме од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот.“