Студентската организација ЕЕСТЕК ЛК Скопје од 1 oктомври започна со реализирање на серија бесплатни курсеви кои ќе бидат достапни за ограничен број на студенти на УКИМ. Третиот модул – 3D printing ќе биде во периодот од 5-ти до 15-ти декември.
Серијата од различни модули под името ЕЕСТЕК Академија се реализираат на техничкиот кампус на УКИМ. Предавањата на секој од овие курсеви се на атрактивни теми, а нивната реализација ја вршат гостински предавачи или во соработка со факултети и компании. Идејата за реализација на овој проект е на студентите да им се понуди моќно комплементарно образование надвор од академската програма, а со цел тие да ги прошират своите видици и да постигнат лично надградување и развој.
Академијата вклучува вкупно шест посебни модули со кои ќе се продолжи и оваа година, на уште поатрактивни теми кои им недостасуваат на студентите во образовниот систем. За секој од модулите има посебно пријавување и селекцијата за учество.
Модулот ќе овозможи самостојно осмислување на прототип, а потоа создавање на модел за истиот кој ќе биде испечатен во 3D за сите учесници.
Секој што сака да ја имплементира својата идеја од замисла во реализација ќе има можност тоа да го направи со самото присуство. Реализирањето на идеите е главна цел, независно од нивото на знаење кое го имаат учесниците, без разлика дали се почетници или пак веќе имаат искуство во оваа област.
Бидејќи учењето е преку практичен начин, задолжително е секој учесник да биде со свој лап топ, со претходно инсталирана програма AutoCAD.
Бројот на учесници е ограничен на 20, кои ќе се бираат според пополнетата форма за апликација.