Бордот на Европски Студенти по Технологија (БЕСТ) – Скопје го организира четиринаесеттиот по ред Саем за вработување и кариера – Job Fair 2018, кој ќе се одвива во периодот 12-16 март.
Официјалното отворање ќе се случи на 12 март во амфитеатарот на Технолошко-металуршкиот Факултет. Останатите денови од саемот кои ќе се одвиваат на кампусот на техничките факултети каде што ќе присуствуваат голем број компании од техничкиот и IT секторот.
„Job Fair не само што е најголемиот настан кој БЕСТ Скопје го организира, туку е и местото каде студентите можат да се информираат за сѐ она што го нудат компаниите учеснички, како и за потенцијално работно место или пракса, додека компаниите имаат можност да стапат во директен контакт со нивните потенцијални вработени. Исто така овој настан е можност за големи остварувања во кариерата на секој студент. Целта ни е да ги доближиме амбициите на студентите поблиску до компаниите, велат од организацијата.
Минатата година Job Fair го имаше својот најуспешен саем досега, со рекордно учество од вкупно 35 компании.
Според организаторите, саемот е можност за студентите да добијат пракса или работа во некоја од најдобрите компании во земјата.
„Сѐ што треба да направите е да ги посетите нашите штандови и да го оставите своето CV нa веб страната на Job Fair: www.jobfair.org.mk. Со овој чекор Вашите биографии стануваат дел од датабазата до која имаат пристап сите компании – учеснички од Република Македонија и надвор од неа, во текот на целата година“, велат од БЕСТ -Скопје.
На овој саем компаниите ќе имаат можност да држат бесплатни предавања, soft skills тренинзи, презентации, натпревари на кои ќе можат да учествуваат студентите избрани токму од нив.
За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на настанот: www.jobfair.org.mk.