Вчера официјално беше потпишан договор за воспоставување партнерство за реализација на проектот „Смарт Аеродром“ помеѓу компанијата „Crescent NV“ и општината.
„Проектот ‘Смарт Аеродром’ вклучува поставување паметни светилки на територијата на целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето, се нудат различни услуги како изнајмување на електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста и ќе придонесат кон намалување на загадувањето, поставување дигитални информативни дисплеи, бесплатни зони за интернет, како и полначи за електрични автомобили. Воедно, проектот влијае и во остварување на стратешките приоритети преку подигнување на безбедноста на граѓаните, создавањето чиста и зелена општина, со намален сообраќаен метеж, чист воздух и здрава животна средина“, соопштија од Општина Аеродром.
Градоначалникот Тимчо Муцунски истакна дека ова е проект кој ја потврдува заложбата за создавање дигитално напредна и еколошки свесна општина, но и проект кој носи низа придобивки, содржини и зголемен квалитет на живот за секој поединец.
Претставникот на приватната компанија нагласи дека ова партнерство е стратешко, социјално и економско, а како партнерство со јавниот сектор е важно бидејќи, како што рече, целата идеја за имплементирање на проектите за паметни општини и објекти е онаа која го револуционизира целото општество.
Проектот е предвидено да се реализира за шест месеци.