Бесплатниот јавен превоз за студентите оди на пауза, владина одлука ќе има во јануари

За првпат после десет години, овој јануари студентите во Скопје ќе останат без бесплатен јавен превоз со автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП Скопје). Владата до крајот на оваа година нема да донесе одлука за продолжување на мерката, што ќе го стави на пауза остварувањето на ова право кое е значаен дел од студентскиот стандард, пишува новинската агенција Мета.

Според информациите што ги доби Мета.мк, Владата ќе донесе одлука за продолжување на бесплатниот јавен превоз за студентите во текот на јануари, што значи дека бесплатниот превоз најверојатно ќе продолжи во февруари, а во меѓувреме, студентите ќе останат без оваа придобивка.

Прекинот од еден месец може да значи дополнителен финансиски товар за многу студенти кои ќе патуваат до факултет за време на испитната сесија што речиси секаде трае до крајот на јануари.

Како што Мета.мк претходно месецов објави, обидите на студентите да ги продолжат годишните билети за следната календарска година завршуваат безуспешно – во центрите за персонализација на ЈСП добиваат одговор дека се чека „амин“ од надлежните. Студентите секоја година досега важноста на билетите можеа да ја продолжат во декември.

Неизвесноста во која се доведени студентите е резултат на повеќемесечните обвинувања помеѓу Град Скопје и Владата. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, тврди дека Владата има долг од 8 милиони евра кон ЈСП Скопје, сума за која рече дека на почетокот од 2025 година ќе порасне на 10 милиони евра. Арсовска кон крајот на ноември предупреди дека прашањето за бесплатен јавен превоз не е загрозено само за студентите, туку и за останатите корисници. Обвини дека централните власти не ги исполнуваат своите обврски кон јавните претпријатија и оти не ги плаќаат трошоците за бесплатниот јавен превоз.

Во меѓувреме, според извештајот на Државниот завод за ревизија објавен во октомври, МОН две години не ги покривало трошоците за бесплатен превоз на студентите. За оваа мерка, Владата во 2022 и 2023 година не донела никакви одлуки, но и покрај тоа, ЈСП продолжило да ги вози студентите бесплатно.

Од МОН за Мета.мк на 18 декември одговорија дека институцијата предвидела средства во буџетот за 2025 за јавен превоз на студентите, и дека одлуката за префрлање на овие средства кон ЈСП, согласно законот, треба да ја донесе Владата.

Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ) во понеделникот побара Владата на својата седница на 24 декември да донесе одлука за продолжување на оваа мерка, но на владината седница во вторникот, ваква одлука не била донесена.

Мета.мк денес се обрати со прашање и до Владата, од каде одговорија дека средствата ќе му бидат префрлени на ЈСП во јануари.

„Во врска со Вашите прашања Ви посочуваме дека Владата преку Министерството за образование и наука, предвиде 120 милиони денари во буџетот за 2025 година. Со Одлука на Владата следниот месец, средствата ќе бидат префрлени на ЈСП. Со оваа Одлука Ве информираме дека студентите од Скопје ќе имаат бесплатен автобуски превоз за следната година“, велат од Владата.

Ова значи дека од среда, 1 јануари, редовните студенти во Скопје немаат важечки билети за бесплатно возење со автобусите на ЈСП.

Редакцијата на Мета.мк се обрати со прашања до ЈСП Скопје, од каде, до овој момент, не дадоа одговори.

Инаку, постојната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, во својата предизборна кампања во 2021 година вети бесплатен јавен превоз за сите граѓани. Следната 2025 година, повторно ќе се одржат локални избори, но овој пат се чини сосема извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има друг кандидат за градоначалник, а Арсовска најави дека нема да се кандидира.

Мета