Бесплатно образование, повисок стандард и дигитализација – бараат студентите преку Студентски манифест

Бесплатно високо образование, преиспитување на студиските програми, вложување на финансиски и инфраструктурни средства, подигање на студентскиот стандард, национално студентско собрание, интернационализација, дигитализација на административните процеси и автономија. 

Ова се барањата наведени во Студентскиот манифест кој вчера (6 март) беше потпишан од неколку студентски собранија.

„Ние малкуте кои останавме во земјава, ние малкуте кои се нафативме нашите идеи и стремежи да ги обликуваме во јасни и прецизни идни дејствија во овој манифест, наложуваме истите да се усвојат со особено внимание и сериозен однос од страна на сегашните и идните државници“, стои во манифестот.

Документот е потпишан од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со поддршка на универзитетските студентски собранија на универзитетите: „Гоце Делчев“
Штип, „Св. Климент Охридски“ Битола , Универзитет на Југоисточна Европа, „Мајка Тереза“ Скопје и „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Во продолжение во целост ги пренесуваме барањата на студентите наведени во манифестот.

1. БЕСПЛАТНО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ

Согласно праксата во регионот, со цел подобрување на целокупната конкурентност на земјата, бараме да се воведе нов систем на финансирање на високото образование со што истото да биде бесплатно за студентите на прв циклус студии.

Владата во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за финансии и членовите на Интеруниверзитетската конференција (вклучувајќи ги и студентите) ќе работат на изготвување на стратешки документ кој ќе овозможи нов систем на финансирање на високото образование согласно праксата во регионот.

2. КВАЛИТЕТ НАСПРОТИ КВАНТИТЕТ

Сеопфатна евалуација на постоечките студиски програми на универзитетите и преиспитување на потребата од постоењето на истите.

Интердисциплинарностa е носител на реформаторската визија за високото образование на иднината. Од тука, како фундаментална се јавува потребата за академска заедница која нуди иновативни студиски програми со заедничка (joint) диплома и двојна (double) диплома. Истите, треба се понудени на три нивоа: во самите едници на секој универзитет, во универзитетите на национално ниво и во универзитетите на регионално и меѓународно ниво.

Вложување на финансиски и инфраструктурни средства во наставната и научно – истражувачката работа и вработувања на млад кадар во истражувачкиот процес на универзитетите.

Научно-истражувачката работа мора да ги вклучува студентите уште во додипломскиот циклус и истата да биде интегриран дел од студиските програми и да биде насочена кон решавање на суштинските предизвици и проблеми со кои се соочува општеството.

Обезбедување на соодветни материјални, инфраструктурни и кадровски услови за непречено одвивање на воспитно-образовната работа и научно-истражувачката работа.

Преку измена на законите да се овозможи редовните студенти да стапат во редовен работен однос/скратено работно време и да добијат трудова заштита и можност за заработка на дополнителни средства за време на нивното студирање. Исто така, да се овозможи ослободување од данок на доход за студентите кои се во работен однос.

3. НАЦИОНАЛНО СТУДЕНТСКО ТЕЛО

Формирање на НАЦИОНАЛНО СТУДЕНТСКО СОБРАНИЕ преку измена на Законот за високо образование, во кое ќе членуваат универзитетските студентски собранија на универзитетите во земјата, согласно европската пракса според која во секоја држава има национално студентско тело кое ги застапува сите студенти во државата.

4. СТУДЕНТСКИ СТАНДАРД

Квалитетот на студентскиот стандард несомнено го одредува и понатамошното развивање на индивидуата и нејзиниот придонес кон севкупното добро. Потребен е континуитет на ефективностa и затоа се залагаме за:

4.1 Сместување
Почитување на роковите за реконструкција на деветте студентски дома, согласно проектот потпишан помеѓу МОН и Германската развојна банка.

Законска измена во Законот за студентски стандард преку која ќе се предвидат повеќе средства по студент за сместување и храна во студентските домови во земјата.

4.2 Студентски оброк
Анализа на ефикасноста на мерката за субвенциониран студентски оброк, негова надградба и имплементација на долгорочно решение со кое ќе се постигне вистинската цел за која е воведена мерката. Овозможување на вработените студенти да го добијат правото на субвенциониран студентски оброк.

4.3 Превоз

меѓуградски превоз

Продолжување на мерката ваучер за превоз или обезбедување на системско решение за субвенциониран меѓуградски превоз за студентите и обнова на железничките линии.

јавен превоз
Бесплатен градски јавен превоз за студентите на сите три студиски циклуси.

4.4 Стипендии

Зголемување на износот на стипендии согласно растот на индексот на трошоците за живот; Зголемување на бројот на стипендии за втор и трет циклус на студии и воведување на нови стипендии за сите студиски програми на втор и трет циклус; Почитување на роковите за исплата на месечните стипендии на студентите од сите категории;

4.5 Културно-забавен и спортски живот

Секој универзитет да располага со свој студентски културен центар кој ќе ги поддржува и промовира локалната и авангардна, музичка, уметничка и театарска сцена кои имаат за цел да донесат свежи перспективи во студентскиот културен живот.

Организирање на спортски активности со цел подобрување на физичкото и ментално здравје на студентите во современи установи. Поставување на теретани околу или на секој универзитет и студентски дом.

5. ИНТЕРНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА

Изготвување на стратегија за привлекување на поголем број на странски студенти која ќе вклучи:

Поедноставување на сите административни процедури поврзани со прием на странски студенти во земјата;

Склучување на повеќе билатерални и меѓународни договори со цел странски студенти да се запишуваат на студиските програми во земјата;

Еднакви услови, права и обврски за домашните и странските студенти; Студиски програми согласно европската пракса и Болоњскиот процес;

Развивање на глобални алумни мрежи за студентите кои студирале во земјата или странство; Обмислување на проекти за мобилност кои овозможуваат размена на странски студенти со македонско потекло со цел создавање на здрави врски со културата и јазикот;

6. ДИГИТАЛИЗАЦИЈА

Почитување на зададените рокови согласно акцискиот план на Националната стратегија за млади 2023-2027, каде е предвидена ЦЕЛОСНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА на административните процеси во сите високообразовни институции.

7. АВТОНОМИЈА

Остварување на реална кадровска и финансиска автономија на државните универзитети. Поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање на студиски програми.