Дрвјата на кеј „13 Ноември“ во центарот на Скопје биле бетонирани по грешка на изведувачот, велат од Град Скопје. Оттаму информираат дека градскиот инспекторат направил записник според кој изведувачот ќе биде казнет.
Откако граѓаните и невладините организации вчера реагираа дека се бетонирани неколку дрвја на кејот, градските екипи ги ослободија.
Од Град Скопје уверуваат дека со ослободувањето, сите дрвја на кејот сега се целосно заштитени и нема да имаат последици при нивното растење и развивање.
„Град Скопје искажува благодарност до граѓаните и невладините организации за алармантноста при грешката на изведувачот, што овозможи и брза реакција на градските служби во оваа ситуација. По налог на градоначалникот Шилегов, од страна на градскиот инспекторат беше направен и записник според кој изведувачот ќе биде казнет“, стои во соопштението од Град Скопје.
Од „О2 Иницијатива“, пак, прашуваат дали дрвјата ќе ги покријат со земја и за тоа ќе се каже дека е тргнат бетонот.
„Од мај месец стои другата редица на дрвја, таа до кафаните, првите забетонирани, па после плочки ставени околу. И така оставени на најжешкото, со искасапени корења. Некои се многу тесно заградени, а за вака големи дрвја треба да се остави максимално можен простор да дишат, да се хранат, наводнуваат, никако под 1.20 м x 1.20 м, како што е според стандардите“, забележуваат тие.
Реконструкција на кејот се одвива од мостот „Слобода“ кај „Холидеј Ин“ до Камениот мост. Се уредува површина од околу 12.500 квадратни метри, а за тоа се одвоени 88.6 милиони денари.
„На новиот кеј ќе биде ослободено повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила“, најавуваат градските власти.
Со неговата реконструкција е предвидено целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот, најавуваат од Град Скопје.