Единаесеттото издание на Фестивалот за промоција на феминистичка култура „Прво па женско“, годинава ќе започне со „ПичПрич“ на тема „Бев сама“.
Првиот настан од фестивалот ќе се одржи на 6 април, четврток, во Кино Фросина (МКЦ) со почеток во 20 часот.
Организаторките истакнуваат дека „ПичПрич“, ќе отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во земјава и регионот, со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот.
„Токму затоа оваа година темата е ‘Бев сама’ за да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување“, велат од „ТииитИнк!“.
Оттаму додаваат дека според авторскиот концепт на Ана Василева и Румена Бужаровска, „ПичПрич“ ја промовира женската усна историја, нормализирајќи ги женските искуства и преземајќи го јавниот простор.
Гостите раскажувачки на ова издание ќе бидат дополнително објавени.
По настаниот ќе следува диџеј сет на Diah во бифето на Фросина, а билетите се достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн по цена од 200 денари.