20 фотографии и неколку видео записи од дрег-шоуа кои се случија во Скопје во периодот од 2018 до 2019 ќе бидат претставени на изложбата „Бев таму“ на Наташа Гелева. Изложбата ќе биде отворена од 3 септември до 17 септември во „Комитет“.
Гелева документирала настапи на домашни дрег кралици како Tōkyō de Ville, Naöki Onna, Kaja Mor, Vera Vendetta, Divon Jane и Linda Socialista, но и странски кралици како Colinda Evangelista, Entity и Spazam Orgazam (Хрватска), Pansy, Luna TikTok, Alexander Cameltoe (Berlin); Karma Geddonia, Golden Orb, Dita von Bill, Lana Vee [Haus of KayGie] (Belgrade).
“За прв пат имав прилика да присуствувам на парада на Денот на улицата Кристофер во 2002 во Берлин. Некако спонтано без некој договор сама со себе почнав да документирам настани уште кога почнав да фотографирам. Така оваа парада за мене значеше дека сум присутна на историски настан и дека треба да имам некоја документација од него. Она што беше веќе воспоставена пракса во поголемите светски градови, кај нас дојде многу подоцна и за првата Парада на Гордоста во Скопје морав да чекам речиси 20 години, т.е. таа се одржа во 2019. Веќе на крајот на 2018 се одржа и првиот Дрег шоу во Скопје во кафе Котур. Потоа следната година се одржаа уште неколку шоуа во Кино „Култура“, Епицентар и „Станица 26“. Овие настани беа вистинска револуција за мене во градот. Најпосле луѓето што се чувствуваат различни можат да се изразат преку костими и изведба без да се плашат дека ќе бидат осудувани или нападнати од некого. Ова беа првите чекори, а јас бев таму. Бев таму и ги документирав. За дваесет години тие фотографии ќе бидат историја.”
Изложбата ќе биде отворена за посетители секој работен ден од 11 до 16 часот заклучно со 17 септември. Додека трае изложбата за влез во просторот на „Комитет“ целосно ќе се почитуваат мерките за спречување и ширењето на КОВИД-19, како намален капацитет, задолжителна вакцинација или сертификат за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.