Граѓанските, активистичките и културолошките иницијативи се важни за подигнување на квалитетот на живот, за промените уште во маалата, општините, а потоа и на ниво на цела држава. Можеби некогаш активизмот разочарува, или иницијативите не вродуваат со плод „преку ноќ“, ама активизмот и критичкиот пристап ги менува заедниците, ги движи напред, рака под рака со самоиницијативноста и колективното делување.
Конференцијата за активно граѓанство „КритикУМ“, организирана од Здружението за едукативен развој „Еквалис“, понуди низа теми за размислување и дискусија, преку искуства на разни активисти и културни работници – сите борци во свое поле.
Настанот се одржа во „Лабораториум“, каде прво на панел се зборуваше за „Граѓански визии за градот: Во одбрана на воздухот, водата и јавниот простор“.
Благица Сабовљевиќ-Стоименова, која била вклучена во граѓанско движење за блокада на кочанската депонија, раскажа дека Кочани има долга историја на загадување. Во 2017 била отворена фабриката „Пејпр мил“, која сериозно го загрозила квалитетот на воздухот во градот. Сепак, по протести, фабриката била затворена.
Но, вистинскиот проблем со загадување во градот дошол во 2022 година, кога градската депонија станува регионална – по што брзо станало очигледно дека таа немала капацитет за толку смет.
„Од ноември 2022, заклучно со цела 2023 година, кочанчани доживеа голгота. Беше празник во Кочани кога не работеше депонијата. Особено во лето, кога ни беа отворени вратите и прозорците. Без куршум не’ убиваа во Кочани“, рече еко-активистката.
Граѓаните особено биле запрепастани кога дознале дека речиси 8.000 граѓани во градот имале некаков вид респираторни заболување.
Во октомври 2024, граѓаните на Кочани одлучиле да преземат нешто во своите раце. Тие организирале 16-дневен протест, кој траел без престан. Тие биле стационирани таму каде што морале да поминат возилата кои носеле смет до депонијата.
„Во секој момент имаше од 50 до 1.000 лица на протестот. Многу млади луѓе учествуваа на протестот, меѓу кои и музичари кои организираа импровизиран концерт. Клучно, на протестот учествуваа и двајца советници“, раскажа таа.
На 13 ноември, сите 19 советници едногласно одлучиле депонијата да прекине со работа.
„Македончето е толерантно. Се снајдуваме и живееме. Ама така се работеше за здравје и живот. Е тука рековме стоп“, рече Сабовљевиќ-Стоименова, по што доби аплауз.
Сабовљевиќ-Стоименова ги охрабри младите да не стојат мирни кога се соочуват со неправда, дека треба гласно да се изборат за своите ставови. Таа коментира дека по протестот, целиот процес за прекин на потпалувањето во депонијата во советот траел само три дена.
„Кога граѓанинот со сила бара нешто, може да се промени. А кога повикува на совест, одложуваме“, посочи Сабовљевиќ-Стоименова.
Конечно, еко-активистиката од Кочани ја потсети публиката дека јавните службеници се тука за нашите потреби.
„Не сум најполитички писмена, ама знам градоначалникот е во служба на мене. Земаат функционерски плати за да јадат по кафани? Нека јадат по кафани, ама прво мора да сработат тоа што треба за нас. Бидете надмени над секоја власт. Ние треба да им бидеме коректор за сите потенцијално деструктивни одлуки“, порача Сабовљевиќ-Стоименова.
На панел-дискусијата говореше и Еди Фрцовски, млад активист и биолог, кој учествувал во ланската програма на „Еквалис“ за мапирање на јавните чешми во главниот град.
„Ние фотографиравме 120 чешми во градот, од кои 40 беа нефункционални“, вели Фрцовски за резултатите на акцијата.
Фрцовски коментираше дека нефункционалните чешми потоа често се користат како канти за отпад или како пепелници. „Еквалис“ испратило барање до Градот Скопје за поправање на чешмите, но не добиле одговор.
„Иако можеби звучи како мала работа, мислам дека многу може да ни се промени односот кон јавниот простор доколку повеќе чешми работеа – мислам дека речиси сите ние си имаме омилена маалска чешма, која можеби и веќе не работи“, заклучи Фрцовски.
На панелот говореше и Јана Белчева-Андреевска, своевремено дел од граструт движење „Во одбрана на Дебар Маало“. Активистите и локалците биле револтирани од урбанистичкиот план во Центар, кој речиси и не оставил јавен простор за граѓаните.
„Голема е вината на оние кои ги носат плановите. Но, дали планерската струка потфрла или е систем на врзани садови, во кој институциите и судската власт работат во полза на малкумина во штета на многумина?“, провокативно праша таа.
Покрај инволвираноста со движењето „Во одбрана на Дебар Маало“, Белчева-Андреевска исто е поранешна советничка во општина Центар, како дел од „Шанса за Центар“.
„Често нашите одлуки и предлози беа прифатени со потсмев, или пак беа релативизирани. Но тоа не не’ деморализира. Напротив, членовите на ‘Шанса за Центар’ направивме мапи од отворените податоци со цел појасна комуникација со граѓаните. На нив се гледаа информации како тоа кои јавни објекти користат фосилни горива како енергенс, или како финансиските средства се распределуваат по маала. Најпозната мапа ни беше таа на која се гледаше како се издаваат дозволи за градба“, раскажа Белчева-Андреевска.
„Активизмот од надвор е важен за притисок, ама од внaтре е битен за да ги извади инстуитуциите од комфор зона, за да работат поинаку“, дополни Белчева-Андреевска.
На крајот на панелот, таа објасни зошто се нема откажано од борбата за јавниот простор.
„Јавниот простор во светот се дефинира како сликата за демократијата во општеството. Дали тој јавен простор што го имаме е навистина инклузивен? Дали можат граѓаните во него да се дружат, меѓугенерациски да се среќаваат? Дали го чувствуваат просторот како неудобен, небезбеден, нечист? Дали имаме ние такви јавни простори кои ги негуваме?“, заклучи Белчева-Андреевска.
Во вториот дел од конференцијата, на вториот панел се дискутираше на тема „Пркоси во алтернативната културна сцена“, каде говорниците повторно ги раскажаа своите приказни.
Андреј Медиќ Лазаревски, основач и уредник на „Култура Бета“, рече дека на стартот немале идеја за иницијатива со активистички карактер, ниту дека ќе дејствуваат на широко поле. Особено зашто почнале како аматерски театар, кој поради пандемијата се преселил онлајн, за потоа да почнат да собираат поезија, проза, фотографии, ликовна уметност и да претставуваат младинско творештво.
„Кога почнавме со младински колумни, тоа беше клучно за ‘Култура Бета’ да добие активистички момент. Прво меѓу себе, а потоа и како тим дискутиравме она што е важно – за создавање простор за култура. Заклучивме дека во тој простор мораме да вклучуваме што повеќе луѓе, да го отвораме, шириме, делиме. Заеднички да создаваме нешто убаво“, се присетува Медиќ Лазаревски.
„Култура Бета“ сега организира настани и собири од областа на културата, а воедно фрла светлина на младински проблесоци и отвора културно-социјални теми, важни за сите.
Неодамна ја отвори темата што го критикуваше нормализирањето на турбо-фолкот, се навраќа и на големи проблеми за загадениот воздух, хаосот во градскиот урбанизам, сообраќајот, па се’ до потребата од развој на критичко мислење.
„Погледнете ја новата Концепција која ја нуди Министерството за образование: сите општествено-хуманистички предмети од задолжителни се сведуваат на изборни. Значи, системски се подрива критичкото мислење. За овие проблеми треба да се зборува“, нагласи тој.
За Медиќ Лазаревски нема сомнеж дека без реотворањето на овие проблеми, на овие прашања, тие глатко ќе си поминат без никој да ги искоментира.
„И, потоа се сведуваме на затупено граѓанство кое не знае да искоментира нешто што е важно. Затоа давањето поддршка на млади луѓе, на критички освестени луѓе, кои се занимаваат со култура, уметност, со активистички прашања, е многу важно. Но, важно е тие прашања да допрат и до оние ја држат промената во рацете“, нагласи тој.
По него зборуваше Ивана Мирчевска, визуелна уметница, дел од колективот „Кула“ и една од организаторките на мултимедијалниот фестивал „Под земја полесно се дише“.
Мирчевска се наврати на почетоците на еден од најзабележителните супкултурни и андерграунд фестивали во Скопје. Тој обично опфаќа концерти, изложби, печатени уметнички изданија, односно културно инхалирање свежа продукција од областа на визуелните и музички уметности.
Воедно, уметниците имаат нешто да покажат, порачаат, критикуваат.
„На првиот феестивал, идејата беше да упатува критика кон тогашниот социо-политички контекст, а тоа е проектот ‘Скопје 2014’, на институциите што беа во служба на тој проект и на трошењето голем дел од буџетот само за идеолошка ‘уметност’. Воедно, Скопје стануваше еден од позагадените градови, што беше дополнителен аспект за кој сакавме да поставиме некаков дијалог“, раскажа Мирчевска.
Локацијата на овој самоодржлив фестивал е буквално под земја, во гаражите под „Плочник“. Таму се одржува веќе 10 години, со пауза само за пандемијата.
Доколку на стартот било само некаков „бунт“, според Мирчевска сега е и чувството на одговорност на „кулаши“ и сите учесници-културни работници што создаваат заедница.
„Одговорност кон општеството во кое живееме, меѓутоа и како потреба за некакво делување. Дека самите сме агенти и активно ги креираме условите во кои живееме. […] Она што ме прави горда е дека имаме заедница на пријатели, како поширока фамилија на фестивалот, која активно не’ поддржува и без да се организираме. Пример, се случува во сабота во 12 часот да се најдеме во гаражите, каде сами доаѓаат луѓе да ни помогнат да ги наместиме делата. Таквата спонтаност и самоиницијативност доаѓа од изградената синергија помеѓу фестивалот, градот и културната уметничка сцена“, рече таа.
На панелот на „КритикУм“ зборуваше и Билјана Димитрова. Таа е активистка, уметница, едукаторка. Дел е од дружината на „Колектив Ветерница“ и „Партизанска Штампа“, еден хибрид на автономен културен центар кој се занимава со перформативни и визуелни уметности, но и во доменот на она што се вика ангажирана уметност.
Се присетува, нејзините почетоци се некаде со „Фрик фестивал“, на отворање прашања за квир културата, напуштените простори, воопшто на културата… за потоа да се вклучи и во јавната иницијатива „УРА“.
Тоа била урбана работна акција со цел да се завземе просторот на месната заедница „Тафталиџе“. Односно, преку самоорганизираност да се култивира напуштениот простор, да се пополни со содржини кои му недостасуваат на локалното население.
„Почетоците се врзани со некакво незадоволство. Ни требаше простор каде можеме да зборуваме гласно, каде можеме да се чувствуваме дека правиме некаква промена. […] За некои прашања сме премногу фини. Дозволуваме да не’ газат, да губиме некои битки, чисто од некаков менталитет, воспитување, скромност, наивност, доброчудност… Можеби за некои прашања треба да бидеме и поборбени за да направиме некаква промена во запчаниците кои ги вртат нештата“, посочи Димитрова, дополнувајќи дека понекогаш попатно се разочаруваме или правиме грешки, но тие грешки се потребни.
„Тоа е животот, мора да има лузни, мора да има несовршености за да видиме дека навистина бил живот. Така и ние, идентитетот на ‘Партизанска’ ќе се препознае во иднина, бидејќи има грешка во печатењето – затоа тогаш велиме ‘таа графика ќе биде поскапа’. Некогаш од грешките се стигнува до идеја која може да значи промена“, рече таа.
Освен што Димитрова денес е активна преку работилницата за сито печат, поттикнува независна уметност надвор од трендовските рамки, независно издаваштво преку саемот „ФИЈУК“, таа се бори и за нови инклузивни пракси.
Со „Колектив Ветерница“/„Партизанска штампа“ работи со деца со типичен и атипичен развој, исто така и со возрасни. Организираат перформанси, хорови, го снимаа и филмот „Чудата во земјата на Алисите“. Заедно го туркаат инклузивниот ансамбл за да може да се ослободи од „стакленото ѕвоно“, учесниците да се препознаат како релевантни творци, да бидат свесни, да кажуваат што сакаат, што им смета…
„Уметноста е најсилна алатка која може да ни послужи, да даде снага и на различните дека можат нешто да допринесат. Можеби не можеме да ја изградиме ‘Ајфеловата кула’, но можеме да направиме нешто вредно на нашиот свет и на луѓето со кои живееме. За утре да се разбудиме и да имаме повторно сила да се соочиме со себеси“, кажа Димитрова.
***
Конференцијата „КритикУМ“ трае два денови. Пред да започнат панел-дискусиите, првиот ден беше изразена поддршка за српските студенти во блокада, кои повикаа на генерален штрајк во државата. Тие исто изразија поддршка за граѓаните кои учествувале на едукацијата на „Ерсте фондација“ во Белград, кои биле уапсени и им било забрането влез во државата една година поради тоа што било проценето дека претставуваат „безбедносен ризик“ за Србија. Меѓу уапсените имало и македонски граѓанин, Искра Росо, извршна директорка на здружението на граѓани за поддршка на лица со попреченост „Солем“.
Првиот ден беше финализиран со настап на бендот „Кокиче“, во духот на подржување и изложување на алтернативната култура. Вториот ден (денес, сабота 25 јануари), конференцијата излегува од стандардниот формат и се одржува интерактивната прошетка „Скопје, големото бегство“.
Борјан Гаговски и Бојан Шашевски
Фото: Радио МОФ