Квалитетот на водите е еден од приоритетите на Зелената агенда и во Поглавјето 27 – животна средина. С. Македонија треба да вложи силни напори за спроведување на законодавството на ЕУ за областа, нужни се мерки против загадување и уништување на реките и езерата, како и за инвестирање во водната инфраструктура, за да може да зборуваме за „разбистрување“ на состојбата со водите. Исто така, соодветен национален мониторинг на водните ресурси, кадарност, а покрај посветеност од националните власти, требаат и средства кои земјата не може сама да ги обезбеди. Се проценуваат само 520 милиони евра за водата за пиење, а 1,2 милијарда за да се пречистуваат и урбаните отпадни води, кои директно се испуштаат во реките, езерата и почвите.
Ова беа прашањата во фокус на виртуелната конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во С. Македонија“, која денеска ја организираше Институтот за европска политика во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС), во рамките на кампањата „Разбистри сѐ!“.
Претседателот Стево Пендаровски кажа дека, доколку не преземеме долгодочни мерки за заштита на водните ресурси – многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме.
„Според некои проценки, во државата се прочистуваат само околу 3 до 4 проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата. Загрижувачка е јавната и личната свест за водата како ресурс, но и тоа што 11 проценти од вкупниот број на индивидуални домаќинства сѐ уште немаат пристап до вода за пиење“, рече претседателот.
Слаба алка во нашиот систем, според Пендаровски, е инспекцискиот надзор, кој оцени дека е нередовен и реактивен, поради законски недоречености и буџетски ограничувања.
„Поради наталожени системски недостатоци, надлежните институции со години наназад немаат реален увид во квалитетот и квантитетот на водите во С. Македонија. Не се знае точно со колку површинска и подземна вода располагаме. Не се знае колку вода се црпи и испушта за наводнување и одвод. Во ваква нејасна состојба, носењето одговорност е исклучок што го потврдува правилото дека прекршителите најчесто не се казнети. Во случај, цената ја плаќаат природата и ние граѓаните“, рече Пендаровски, потенцирајќи дека е особено загружувачка состојбата со Преспанското езеро.
Зелената агенда е дел од Економскиот и инвестициски план за Западниот Балкан во вредност од 9 милијарди евра, па очекува поддршка од ЕУ, а, истовремено, смета дека земјава има внатрешен потенцијал за решавање на состојбите.
Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј нагласи дека Западен Балкан е дом на некои од последните најголеми чисти реки на европскиот континент.
„С. Македонија има некои од најубавите езера кои сум ги видела, но нивната заштита претставува предизвик. Неопходното тежнеење кон забрзан економски раст и развој резултира со деградација на животната средина во земјава и регионот“, вели таа.
Нагласи дека постои посебен предизвик за реките во однос на хидро-енергетската моќ, што има влијание врз деградацијата и квалитетот на водите.
„Голем дел од населението во руралните области се уште живее со основни санитарни услови. Главните притисоци за квантитетот и квалитетот на водните ресурси доаѓаат од индустријата, земјоделството и јавното водоснабдување. Моменталното следење на водите е несоодветно да даде реалистична слика за водните ресурси. Постои недостаток на мониторинг програми и картографско претставување во согласност со Законот за води. Недоволни финансиски и човечки ресурси, лоши услови за државните мерни станици и неуспех да се исполнат обврските за внатрешен мониторинг“, рече Галовеј.
И професорот Светислав Крстиќ од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје е согласен дека „состојбата со водите не е воопшто розева“.
„Во однос на нашите води, тие се крвоток на државата. Водената средина е екстремно динамична средина и низ нејзе може да се протегнат многу трајни и опасни загадувачки материи“, нагласи тој.
За жал, вели Крстиќ, во нашиот народ постои верување дека ако се испушти некаква материја во речен систем – таа исчезнува, ја снемува.
„Вистината е дека таа материја драстично влијае, како на биодиверзитетот, така и на животната средина. Да не ги споменувам тешките метали, органски и неоргански загадувачи, со кои ние истражувачите секојдневно се судруваме на терен и со нивните катастрофални последици. Загадувањето на водата како бумеранг се враќа врз здравјето на човекот, се враќа на маса“, потенцираше професорот.
Ресорниот министер Насер Нуредини, тврди дека има различни активности за животната средина. Работат на новиот Закон за води, вели тој, го хармонизираат со европските директиви до септември 2021 година.
„Ние сме земја богата со вода. Дали соодветно управуваме? Ајде да почнеме со Скопје… Губиме повеќе од 30% од водата за пиење. Дали се прочистува водата – не. Затоа инвестираме за една од најголемите регионални постојки за третман на води во Скопје. Потпишавме договори со банките за постојката од 136 милиони евра. Почнавме со тендер и за рехабилитирање на канализацискиот систем во Кичево. Преку европските фондови во процес сме за Битола и Тетово. Овие три проекти вредат околу 18 милиони евра“, рече тој.
Во однос на поефективно управување со водите, Нуредини најави формирање на Агенција за животна средина, која би ја менаџирала и оваа област.
„За жал, нема да се случи брзо. Работиме со меѓународни партнери во создавање на оваа Агенција. Министерството треба да биде креатор на политики, а ова прашање да се разгледува од експерти. Затоа се надеваме на формирање на ваква Агенција“, рече тој.
За колекторскиот систем за Охридското езеро, со оглед што два пати се пренаменуваат пари за оваа цел, министерот спомена аплицирање средства за отпадните води во јуни.
„Ја ревидиравме документација за Охридскиот регион и езерото. Во поглед на целата Програма за колекторскиот систем, се работи за инвестиција од 60 милиони евра за да реши проблемот еднаш засекогаш. Ќе се бараат средства – заеми или грантови. Исто така, почнавме процес за ревалоризација на Охридското езеро, за да го (пре)прогласиме како Споменик на природата“, нагласи тој, додавајќи дека Владата обезбедила средства следење на нивоата на водата од Преспанското езеро, направен е Акциски план за негова заштита со помош на експерти, но и дека ова е „меѓусекторско и меѓугранично прашање“.
Јадранка Иванова, долгогодишнa експерткa во областа на водните ресурси, нагласи дека кога се водат преговори со ЕУ, се преговара за три главни аспекти. Транспозицијата, мора да имаме усогласено законодавство, градење на административни капацитети и спроведување.
Потсети дека ресорното министерство во 2017 подготви специфичен План за спроведување на две значајни директиви – за третман за урбани отпадни води и за водата за пиење.
„Анализата покажа дека во С. Македонија, само за директивата за урбаните отпадни води, потребни се инвестиции од 1,2 милијарди евра. Да изградиме 87 пречистителни станици, кои треба да обезбедат секундарен третман. Од овие станици, најмалку 16 – за терцијален третман. Зафаќањето на отпадните води треба да биде 98% “, посочи таа.
Исто така, вели Иванова, Планот за директивата за водата за пиење кажува дека ни се потребни дополнителни 520 милиони евра. Овие анализи се врз основа на старата директива, а лани во декември се донесе нова, која бара пристап за вода за пиење преку јавни мрежи до сите населени места, без разлика колку се оддалечени од изворот.
„Исто така и смалување на загубата на вода за пиење. Кај нас, извештај од 2019 година укажа дека повеќе од 60% од водата всушност се губи, т.е. е неприходовена. Ова значи, потребни се дополнителни средства за оваа директива, а рокот да би можеле да ги спроведеме директивите е 2041 година. Значи, претстои голем период во кој треба посветена активност“, нагласи Иванова.
За Жанета Трајкоска од ИСК животната средина е важна тема. Од неа, вели таа, зависи квалитетот на животот и она што ќе го оставиме на идните поколенија.
„Веруваме дека само со јавно достапни и отворени податоци можат да придонесат да имаме подобро плурално и демократско општество. Тоа, всушност значи сите како граѓани, експерти и активисти да се вклучиме во креирањето на подобри јавни политики. На подобри закони и законски измени кои ќе бидат во интерес на сите граѓани, а не во интерес на одредени центри на моќ“, рече Трајковска, нагласувајќи дека Алијансата „Разбистри се’“ во моментов ја сочинуваат над 55 формални и неформални организации, поединци, тинк-тенкови и високообразовни институции.
Бојан Шашевски