Работилница за книжевен превод „Без фусноти“, која е наменета за лади преведувачи на почетокот на нивната кариера кои преведуваат од македонски на останатите јужнословенски јазици и на албански јазик и обратни, ќе се одржи на 1о јуни, сабота, во социјалниот клуб „Комитет“.
Со почеток во 16 часот, на работилницата може да се пријават и млади кои се заинтересирани за различните техники во преведувањето на книжевни и уметнички текстови и проблемите со кои преведувачите се соочуваат при нивната адаптација.
Водена од преведувачот и лингвистот Ѓорѓе Божовиќ, на работилницата може да се пријават 15 учесници, преку мејлот izborsteficacvek@gmail.com или преку пријавата за учество, најдоцна до 5 јуни.
„На учесниците ќе им биде даден краток фрагмент од прозен книжевен текст, кој ќе го преведат на јазикот по сопствен избор, а потоа ќе разговараат за нивните преводи во текот на работилницата. Особено ќе стане збор за преводот на квир книжевноста и за предизвиците што квир поетиката ги поставува за книжевниот превод“, велат организаторите.
Работилницата ќе се одржи во рамки на активностите поврзани со регионалниот книжевен избор за ангажирана феминистичка и квир книжевност „Штефица Цвек“.
Ѓорѓе Божовиќ е доцент на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград, каде што предава предмети по општа и балканска лингвистика. Од албански јазик превел повеќе дела од современа поезија, проза, публицистика и драма од автори како Љуљета Лешанаку, Аријан Лека, Ветон Сурои, Еди Рама, Јетон Незирај и други. Неговите два најнови преводи се автофикциите „Вечерен автобус“ од Стефан Алијевиќ од македонски на српски јазик (Нови Сад, Kulturanova, 2023) и „1997“ од Кристи Пиндери од албански на српски јазик (Белград, Pobunjene čitateljke, 2023).