Без граѓаните нема добар закон за заштита на животни

Без граѓаните нема добар закон за заштита на животниБез вклучување на граѓанскиот сектор, нема квалитетен закон за Заштита на животните, а уште помалку негова имплементација, дециден е Едоардо Гандини, правниот експерт од Европската Унија кој деновиве престојува во земјава. Носењето на новите законски измени со европско знаменце е позитивен чекор напред, вели правникот кој e претставник на најголемите светски асоцијации за заштита на животните, но додава тој, не е доволно тие само да се преведат и да останат на хартија.

Изминатиов период експертот ги чешлаше предлог измените на Законот за заштита и благосостојба на животните кои македонските институции брзаат да ги донесат. Бројни забелешки за нив имаат и Гандини и македонските граѓански здруженија кои се борат за правата на животните. Позитивен пример за Анима Мунди е воведувањето на забраната за циркуси со животни и за одгледување животни за крзнената индустрија во Македонија. Новиот правилник кој наложува регистрација и идентификација на животните исто така е добра мерка, велат од здружението, но тука завршуваат добрите решенија.

За потребата од вклучување на граѓанските здруженија во заштитата на животните говори и последниот случај кога на Станко насилно му беше одземен Скаут, бездомното куче кое тој го спаси од сигурна смрт. Благодарение на силниот притисок на активистите кои открија дека кучето е земено од шинтер во Вардариште, деновиве Скаут му беше вратен на сопственикот.

Истовремено, додека Европа разговара за единствен европски регистар за бездомни животни и воведувањето полицијата за животните, кај нас и во единствениот стационар во кој се третираат бездомните кучиња, влезот за граѓанските здруженија со години е затворен. Оттука прашуваат од Анима Мунди, за каква транспарентност и контрола врз постапувањето со животните зборуваме во Македонија.