Студентскиот парламент при „Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ денеска на Машинскиот факултет го претстави новиот В.Д. претседател на овој Студентски парламент, Кристијан Јадров, заедно со новото раководство на парламентот.
На трибината на која присуствуваше деканот на Машинскиот факултет, Атанас Кочов, претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски како и повеќе студенти, беа презентирани активностите и плановите на ова студентско тело за решавање на проблемите на студентите. Иако настанот беше замислен како трибина, презентацијата заврши без дебата и прашања од публиката.
Јадров по настанот ни потврди дека неговото назначување е направено без избори, со одлука на претседателството на СПУКМ, според статутот на Студентскиот парламент.
„Поради тоа што измина времето за организирање избори, за да може да функционира парламентот, избрани сме како вршители на должност до следните избори“, вели Јадров.
Претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски уверува дека наскоро сигурно ќе се случат избори за студентски претставник на Машинскиот факултет и дека сите процедури ќе бидат запазени.
„Поради оставка на претходниот претседател ние моравме да ја запазиме постапката согласно статутот на СПУКМ во кој јасно пишува дека изборите се одржуваат октомври или ноември месец. За да може да функционира Студентскиот парламент, поставен е нов В.Д. претседател и претседателство кое ќе биде задолжено да организира избори во статутарно предвидениот рок. Целта на оваа денешна трибина е повторно да го активираме студентскиот парламент на Машинскиот факултет и да покажеме дека тука постојат претставници кои се спремни да им излезат во пресрет на студентите“, рече Спироски за Радио МОФ.
Според членот 56 од статутот на СПУКМ, во случај на оставка или трајна спреченост на членот на Претседателството на Студентскиот парламент на факултетот, Претседателството на Студентскиот Парламент на факултетот одредува вршител на должноста до избор на нов член од страна на Парламентот.
К.О.