Самите треба да го исфилтрираме околниот свет во интернетот со кој комуницираме, а на лично ниво треба да создадеме сила за да се бориме против сите темни страни на социјалните мрежи. На нив треба да гледаме како на алатки зад кои стојат луѓе, кои мрачните работи ги вршеле и пред појавата на социјалните мрежи, само што тогаш не сме ги забележувале. Работата на институциите е да си ги вршат своите законски обврски, но како индивидуи сами треба да направиме избор како го поминуваме времето на социјалните мрежи, пишува Мета.
Ова беа само дел од поентите кои ги изнесоа соговорниците на вечерашната дебата за млади „Мрачната страна на социјалните медиуми – коегзистирање на доброто и злото“, со која се затвори меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“, организирана во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“, спроведен од Фондацијата Метаморфозис со финансиска поддршка на Европската Унија.
Андријана Вешовиќ – Зомбијана, креаторка на содржина и активистка од Црна Гора на дебатата рече дека веќе 10 години ги поставува нејзините илустрации на социјалните мрежи.
„Првично цртав само затоа што беше забавно. И денес е така, но сега мојата платформа брои над 240.000 следбеници на Инстаграм, сега е платформа, доаѓаат многу луѓе и ја користам за корисни работи“, вели црногорската активистка.
Денешните предизвиците се бројни: како да се зачува приватноста, како да се остане ментално здрав, како да не се биде човечко суштество кое ќе го доживее лично секој коментар на социјалните мрежи и најважното – како човек да се научи да се носи со тоа.
Зомбијана вели дека се занимава со женските права – црта и зборува постојано за нив. Соработувала последниве пет години со Женската куќа во Подгорица и таму научила за сензитивниот јазик и како да разговара со жртвите, а да не предизвика трауми.
„Генерално, се занимавам со теми со кои ниту еден друг инфлуенсер не сака да се занимава. Тука сум и за малку поважните работи, да не се плашиме ако излезам на улица да не ми се случи нешто лошо“, вели Зомбијана.
Бојана Стојменовиќ, психолог и основач на советувалиштето „Мој психолог“ вели дека пред осум или девет години не успеала да пронајде на македонски јазик профили на социјалните мрежи кои зборувале за менталното здравје, па се сетила да направи нејзин профил на Фејсбук и со оваа мотивација почнала да функционира страната „Мој психолог“.
„Она што јас го правам, а тоа е да истражувам во која насока сакам да правам психоедукација. Луѓето ќе се променат ако разберат што им се случува на нив, и во крајна цел, ќе научат како да помогнат на некој друг“, вели Стојменовиќ.
Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за социјални медиуми, додава дека во правењето баланс меѓу доброто и злото, индивидуалниот пристап е многу важен.
„Денеска не можеме без технологија, без мобилните телефони не одиме никаде, ниту пак можеме да се подготвиме за учење или работа без да прогугламе. Не можеме да договориме нешто ако не ги користиме чет-апликациите“, рече Кордалов, додавајќи дека треба да ги најдеме позитивните работи кај технологијата.
Алатките треба да ги користиме во наш интерес и функција или ќе станеме зависни од нив. Технологијата не ја гледаме како придобивка во земјава, а најважен термин во ера на дигитализација е дигиталната писменост. Кордалов вели дека му пречи тоа што терминот дигитална писменост сакаме да го користиме во академско значење.
„Ако 95 отсто користиме интернет, а само 5 отсто го користиме за нешто корисно во работата или слободното време, тоа значи дека 90 отсто сме дигитални неписмени“ додава Кордалов.
Тоа што имате добар смартфон и не се користат неговите функции, и тоа што има милион мобилни апликации, а се ограничуваме само за дел од нив, на пример, само за слушање музика или за онлајн обложување, не може да значи оти сме дигитално писмени.
Во однос на штетните трендови на социјалните мрежи, Зомбијана вели дека во однос на негативните коментари што ги добива на нејзиниот профил, пред 10 години знаела и да заплаче, но сега е многу поразлично.
„Размислувам од каде доаѓа тој коментар – ако е со некоја фотографија од цвет или пишува User 123456, јас навистина тоа не можам сериозно да го сфатам, бидејќи ти треба да си ставиш свое име и презиме, сакам да знам кој си и потоа да дебатираме“, вели црногорската активистка.
Таа имала негативно искуство во делот на безбедноста, кога неодамна ѝ се заканувал маж. Тој прво почнал со коментари дека е глупава феминистка, па пишувал дека ќе ја тепа, па таа ја пријавила во црногорската полиција и лицето веднаш го избришало својот профил.
„Генерално, не се плашам ниту од заканите, повеќе беше непријатно. Крајно време е луѓето да научат дека интернетот е секојдневие, а не некое онлајн место каде што можеме да дивееме и да ги лечиме нашите фрустрации“, вели Зомбијана.
Во однос на мрачната страна од користењето на социјалните мрежи, психологот Бојана Стојменовиќ вели дека се забележуваат промени во однос на проблемите кај нејзините клиенти. Пред пет години кога започнал да се користи Снепчет, имала доста млади и повозрасни луѓе кои ја консултирале во однос на самодовербата, изгледот и работите кои сакаат да ги променат кај себе.
Пред ковид пандемијата, работела со матуранти и полуматуранти каде како психолог требало да ги убеди да не прават естетски измени под влијание на ликови од социјалните мрежи, а со ковид пандемијата тоа стивнало како проблематика, но се појавил проблемот со осаменоста кај индивидуите.
Стојменовиќ смета дека во моментов многу актуелен е сајбер булингот и дека токму тука треба да се работи со децата.
„Сè повеќе и повеќе ме контактираат родители и млади лица кои секојдневно се справуваат со сајбер булингот“, изјави Стојменовиќ.
Исто така, таа посочи дека она што е во тренд на социјалните мрежи, а што е важно за менталното здравје, се многубројните профили, блогови и платформи кои зборуваат за родителство и за многу теми за детскиот раст и развој.
„Со половина од нив не се согласувам со она што го пласираат, некои од нив се доста штетни и има многу студии кои покажуваат дека сето она што го пласираат е штетно. Токму она што се објавува, дури за десетина години ќе можеме да го почувствуваме како резултат“, предупреди таа.
Исто така, Бојана посочи дека по периодот на ковид пандемијата и извршувањето на сите обврски онлајн, како проблем број еден почнува да се појавува осаменоста. Таа била контактирана од многу компании за да поработи со вработените. Очекувала дека ќе се соочи со проблеми како депресија или анксиозност или други топ теми, но најмногу жалби од вработените добила за осаменоста која се појавила по отпочнувањето на работењето онлајн.
„Десетина компании со кои работев е како вработените да се справат со осаменоста, тргнувајќи од тоа дека цело време го поминуваат пред екраните. Од тогаш до денес, не се многу поместени работите. Имаме вработени кои не сакаат да се вратат со физичко присутво, сакаат да работат од дома. Од една компанија, ни рекоа дека имаме 20-тина колеги коишто никогаш ги немаме видено во живо“, потенцираше Бојана Стојменовиќ.
Најчесто ваквите луѓе, вели таа, подоцна ја контактираат поради различни психички проблеми. Таа зборуваше и за осаменоста кај поединците, на кои им е тешко да најдат партнер, си го бараат партнерот на социјалните мрежи и на многу различни начини патат.
„Видов дека Франција размислува да воведе закон каде инфлуенсерите ќе ги казнува ако користат филтри за фотографиите. Тоа е супер“, посочи Бојана за една идеја како би можело да се надмине разликата помеѓу дигиталното „ЈАС“ од она што сме во реалноста, одговарајќи на едно од прашањата поставени од публиката.
На дебатата беше поставено и прашање од средношколец во однос на тоа што мислат дискутантите за онлајн наставата, бидејќи веќе има нивни соученици кои бираат да бидат онлајн и не сакаат да се појават со физичко присуство во училиштата и дали и како ова влијае на менталното здравје на средношколците.
„Најголемата грешка што со дигитализацијата би направиле е да не дадеме избор. Дури и најдоброто нешто што го носите, ако го наметнете како обврска, нема да биде добро. Не сум против дигитални учебници или онлајн настава, сметам дека треба да има избор. Треба да изберат самите ученици“, вели комуникологот Кордалов.
Покрај прашањето на изборот, Кордалов вели дека не смее да се заборави оти не секој има добри уреди и можност да следи онлајн настава. Ако воведувате онлајн настава, посочи Кордалов, нема да биде успешна ако двајца ученици мора да учат од ист лаптоп и плус родителите треба да работат на истиот.
Психологот Бојана Стојменовиќ посочи дека мора да се размислува не само на образовната, туку и на социјалната компонента.
„Некои ученици сакаат да одат во школо поради дружењето, а не поради професорите“, вели таа, додавајќи дека треба да се има свесност какви негативни последици може да донесе отсуството на оваа социјална компонента кај младите.