Безбедносните сили во Шри Ланка утрово упаднаа во анти-владиниот протестен камп во главниот град, а во акцијата биле уапсени повеќе демонстранти и биле растурени шаторите.
Стотици полициски командоси ги растераа демонстрантите пред седиштето на претседателот во градот Коломбо. Во акцијата бил нападнат и новинар на Би-Би-Си, кој добил удари по телото, а еден војник му го одзел телефонот и ги избришал снимените видеа.
Според полицијата станувало збор за „специјална операција за враќање на контролата на претседателското седиште“.
Девет лица, меѓу нив и двајца повредени демонстранти, биле уапсени од полицијата.
Оваа акција доаѓа откако Ранил Викремасинге стапи на функцијата претседател на Шри Ланка, откако минатата недела поранешниот претседател Готабаја Раџапакса побегна од државата. Викерамасинге, кој е поранешен премиер, важи за многу непопуларен во јавноста и веќе најави строги акции против демонстрациите.
Во Шри Ланка веќе неколку месеци траат масовните протести поради економската криза, за кои најголем дел ја обвинуваат поранешната влада и нејзиното лошо управување со државните финансии. Демонстрациите последниве денови беа мирни, откако Викерамасинге беше најавен како нов претседател, за кого граѓаните сметаат дека треба да му се даде шанса да ја извлече земјата од кризата и покрај длабоката недоверба.
Во неговото обраќање по инаугурацијата, претседателот изјави дека секој обид да се сруши владата, или да се окупира седиштето на владата е против законот и спротивно на демократијата.
Пред две недели илјадници бесни демонстранти упаднаа во резиденцијата на поранешниот претседател Раџапакса извикувајќи слогани против претседателот и разбивајќи неколку полициски барикади.
Шри Ланка се справува со огромна инфлација и се мачи во снабдувањето на земјата со увоз на храна, гориво и лекови. Земјата ги потроши сите државни девизни резерви и неуспешно се обидува да увезе основни продукти.