Здравствените работници се под секојдневен притисок поради тоа што вирусот е невидлив, но затоа од прва рака ги гледаат последиците од пандемијата. Тие се притиснати од импровизирани мерки и психолошки трауми кои ќе ги покажат лузните во годините кои следат, објаснува претседателот на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) Милан Петковски.
Радио МОФ разговараше со Петковски по повод 28 април, кој се одбележува како Светски ден за безбедност и здравје при работа, а кој годинава се најде во средината на пандемијата со Ковид-19. Тој вели дека е во постојан контакт со претставниците од репрезентативните синдикати од здравствениот сектор и со нивните членови, и објаснува дека сите се загрижени за своите најблиски, но и чуствуваат страв и вина дека можат да го пренесат вирусот на домашните, кога ќе се вратат дома.
„Гневни се заради наши сограѓани кои сметаат дека новиот корона вирус е уште една завера од светски размери и непотребно излегуваат надвор, а не седат дома да го спречат ширењето на вирусот. Глувите хиерархии кои имаат поголема отчетност кон оние кои ги поставиле, отколку оние кои се под нив. И ова е само врвот на сантата мраз која го гребе нашиот здравствен систем и се заканува да ги потопи оние кои го држат на своите плеќи“, посочува Петковски.
Уставот на државата вели дека секој граѓанин на државата треба да биде заштитен на работното место, а Петковски додава дека во законот за безбедност и здравје при работа, стои дека не постои работно место без ризик.
Тој посочува на извештаите на здружението каде е претседател, а кои вели дека укажуваат дека во просек гине по еден работник неделно во изминатите 12 години, па оттаму прашува „каков заклучок од сето ова вие би извлекле?“.
„Уште пред да започне пандемијата, заедно со соработници од Институтот за јавно здравје и Синдикатот на клинички центар алармиравме за тоа што ни доаѓа и препорачувавме што конкретно треба да се прави. Дававме препораки колку минимум треба лична заштитна опрема по единица здравствен работник и кои мерки треба да ги преземат здравствените работници за да бидат соодветно заштитени. Никој не не повика за дополнителни консултации, иако за волја на вистината протоколарните состаноци со некои од колегите беа извршени“, посочува Петковски.
Се воведоа голем број хигиенски, но многу малку заштитни мерки, смета Петковски. Како појаснување вели тој, користењето на медицински маски е хигиенска мерка, а заштитните мерки се насочени, пред се, да обезбедат отстранување на биолошката штетност. Ова се прави преку инженерски мерки како решенија за климатизација и вентилација, употреба на хемиски и физички средства за справување со ризиците кои ги предизвикува штетноста и поставување на физички бариери, таму каде тоа е можно.
Понатаму, вели Петковски, се применуваат и организациони мерки, преку процедури, распоред на персонал и обука, за на крај да се дојде до личната заштитна опрема, за која потенцира дека таа е сертифицирана за заштитата која ја нуди, за разлика од хигиенските производи.
„Како последна мерка, доколку претходните не даваат резултат е запирање со опасната работа. Во случајот со новиот коронавирус, импровизаторите на заштитата при работа веднаш скокнаа на последната мерка, веројатно заради тоа што така ја разбираат заштитата при работа – декларативна“, вели Петковски.
Државата треба да престане да слуша партиски војници за да им обезбеди поголема безбедност и сигурност на здравствените работници, но и на работниците генерално, смета Петковски.
„Да престане да гледа политика таму каде што единствено мора само да царува професијата. Во земја каде што имате се на се активни 200 дипломирани инженери за заштита при работа, и околу 1000 стручни лица за безбедност при работа (200-те спаѓаат во овие 1000) да не одговорите на подадената рака е безмалку непромислено. Досега овие свои капацитети требаше да бидат на првите борбени линии и да ги осмислуваат мерките за заштита при работа. Струката може да излезе со конкретни постапки и мерки кои ќе спасат бројни животи. Не само прес-конференции и статистика. Но, денес мислам дека и за тоа е доцна“, додава тој.
Но, и покрај тоа што здравствените работници се на првата линија на отпорот, македонските граѓани постојано прашуваат за луѓето кои се уште одат на работа, вклучително и работниците во погоните и фабриките ширум државата. Според разговорите кои ги имал Петковски со над 30 фабрики во државава, со нивните раководители и дел од работниците, тие како што вели, се „пред се, и над се исплашени“.
„Исплашени се заради бројните контрадикторни и збунувачки инструкции кои ги добиваат, носењето маски е штетно за оној кој е здрав, но носењето медицински маски е задолжително и ќе се казнува нивното неносење. Шпекулации со лекови кои треба да ги имаат во домашната аптека, симптоми кои болен од Ковид-19 ги има, грижа за нивните деца и нивните родители, но можеби најмногу од се им тежи како демоклов меч над глава е се погласната финансиска катастрофа која е во најава“, додава тој.
Психолошкиот притисок е огромен, а се повеќе работодавачи зборуваат дека временото затворање на фабриките е се поочигледен чекор, вели Петковски, доколку во следниот период од 30 дена не се промени нешто.
„Тоа нешто секогаш го гледа во некоја волшебна помош од Владата која пак апелира до фирмите да ја помогнат во справувањето со пандемијата“, додава Петковски.
Сите мерки кои ги преземаат фабриките, посочува нашиот соговорник, се пред се хигиенски, односно дека секој работник е задолжен со хигиенски маски, текстилни кои по дома треба да се перат, и речиси неколку пати, како што вели, неделно истурање на средство за дезинфекција по фабричките простории.
„Следните се дистанциони, доколку тоа просторот тоа го дозволува. И толку… а да, и теолошки. ‘Благодарение на бога, за среќа никој до сега не се разболел!’“, вели Петковски.
Во однос на тоа што треба да научат работниците и работодавачите од оваа епидемија за безбедноста, тој мисли дека тоа е веќе очигледно, за да не се загрози здравјето, првото нешто кон кое се пристапува е заштитата при работа.
„Втората работа која треба да се запамети е дека само стручњак за заштита при работа може да ви даде стручен совет што треба да направите за да ги намалите ризиците на работното место. Доколу побарате мислење од аматери и псевдостручни лица тогаш се надевам дека ќе го добиете најдоброто што можат да го понудат“, посочува Петковски.
Третиот чекор пак, објаснува, е создавање на превентивна култура на работното место.
Здружението со кое раководи, а кое постои повеќе од 50 години, го одбележува 28 април во контиунитет од 2000-2001 година, вели Петковски и додава дека, тоа е години пред Меѓународната организација на трудот официјално да го прифати како светски ден за безбедност и здравје при работа.
Минатата година, тие започнале иницијатива за да се направи најмалиот парк на светот во Општина Аеродром, заедно со претпријатието Паркови и зеленило, а нивната идеја била да се засади по едно дрвце во паркот за секој загинат работник во државата.
Кога некој од власта би го прочитал овој текст, Петковски вели дека би му порачал да си ја спроведува својата улога, со тоа што цврсто ќе го држи кормилото и ќе управува со бродот Македонија.
„Додека управува, јасно ќе си направи список на сите оние кои се стручни во своите работи, своите области и ќе ги консултира. Професионалната мимикрија секаде е присутна, особено кај оние кои зафатиле први редови на кормилото. Умешноста на умниот политичар е да процени кои од тие се за естетика, а кои се за работа“, вели Петковски.
За здравствените работници пак, пораката е кратка, додава тој.
„Ако некој го одржува огнот на животот, тоа сте вие. Колку повеќе мали оганчиња ја осветлуваат темнината, толку по јасно вашите ликови ги гледаме. Можеби не не слушате како секојпат Ви благодариме, но отсјајот во нашите очи тоа многу погласно го зборува. Да сте ми живи и здрави“, порачува Петковски.
25 смртни случаи на работно место во изминатата година
Годишниот извештај на здружението кои ги прибира податоците за несреќи при работа преку информациите објавени во медиумите покажува дека изминатата година се случиле 178 несреќи при работа, а од нив 25 биле со фатален исход.
Во извештајот исто така се додава дека стапката на смртни случаи при работа во земјава изнесува 3.19, односно на 100.000 вработени, загинуваат 3-4 работници.
Мартин Колоски