Еколошките активисти од организациите „Го сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“, денеска уште еднаш го повторија барањето Водно да се заштити со специјален закон, а не со актуелната Нацрт-Одлука за прогласување на дел од планината за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, согласно Законот за заштита на природата, која ја предлага Министерството за животна средина и просторно планирање, објави Мета.
Екологистите, поддржани од експерти од Шумарскиот факултет, Управата за хидрометеоролошки работи и Агенцијата за планирање на просторот, сметаат дека Водно мора да биде заштитено, но од вистинските причини, а тоа е заштита на градот Скопје од поплави и ерозии, а не заради неговите природни богатства и уникатна природа. Тие информираа дека барањето е директно адресирано до премиерот Зоран Заев, со оглед на тоа дека нивните забалешки искажани на јавната расправа и по неа се целосно игнорирани од Министерството.
„Иницијативата за повлекување на оваа постапка не е за да се истакнат ставовите на ‘Го сакам Водно’ и ‘О2 Иницијатива’ и другите 36 граѓански организации кои стојат зад неа, туку за да се сослуштаат експертите. Во изминатиот период се игнорираа забелешките на стручните лица, а последниот пат кога се направи тоа го добивме патот низ Водно за Сончев град. Заради тоа имаме иницијатива да се формира експертска меѓуресорна комисија, бидејќи во сегашната работна група во министерството учествуваат само институции. Таму се форсира мислењето на Секторот за природа, кој го фаворизира само природниот аспект на заштитата на Водно, што е само мал дел од вистинската заштита. Ние консултиравме повеќе експерти кои имаат искуство и кои ќе ги повторат сите забелешки кои беа игнорирани на јавната расправа“, посочи Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.
Професорот Иван Блинков ги акцентираше Студиите за заштита на шумите, за поплави, за ерозија, изработени од УНДП и Градот Скопје и планот и елаборатот за пошумување на Водно, кои меѓусебно се усогласени со една цел, одбрана од поплави од Водно.
„Дали ние како граѓани на Скопје треба да бидеме жртва на заштита на природното наследство. Оставам на сите граѓани да просудат што сакаат повеќе, дали својата безбедност или заштита на тревки, габи и еден локалитет каде има инсекти. Затоа јас барам закон за Водно“, посочи Блинков.
Продеканката на Шумарскиот факултет, Македонка Стојановска, истакна дека тие се против предлогот за препрогласување на Водно како заштитен предел од петта категорија според законот за заштитата на природа. Водно, како што рече, не е природно наследство, туку пред пет-шест децении било голина, која е вештачки пошумена заради заштита на Скопје од поплави и ерозија.
„Како може вештачки облагородена површина да се заштитува според закон за природа со кој треба да се чуваат и заштитат природните вредности. Според предлогот, зоната на строга заштита на Водно се однесува само на Матка, а целиот останат дел е во зоните на активно и одржливо користење. Во нив дозволени се секакви активности, што упатуваат на прашања каква ќе биде вистинската заштита на Водно. Потребен е еден поширок и сериозен пристап во заштитата. Мора да расчистиме дали сакаме да го заштитиме биодиверзитетот на Водно или да го заштитиме Скопје и неговите граѓани“, посочи Стојановска.
Васко Стојов, раководител на Одделението за хидрологија во УХМР, истакна дека Водно мора да се разгледува од хидролошки аспект, за да не се повтори поплавата од 1951 година. Одводните канали и каскадите кои треба да се заштитат и денеска се запоставени, што е многу опасно, со оглед на последиците од климатските промени кои ни се закануваат, за што сведочат и податоците од Управата.
„Во иднина не очекуваат и суши, но и поројни поплави. Веќе видовме како тоа изгледа во 2015 година во Шипковица и во 2016 година во Стајковци. Овие поплави можеби не можеа да се спречат, но секако со соодветни акти и преземање на вистински мерки за заштита, како изградба на канали и природно и биолошко одржување и заштита од ерозија и подобар хидролошки мониторинг и модерен систем за алармирање, ќе допринесоа за помали загуби, особено во човечки животи. Тоа е причина сега да се избориме Водно да биде заштитено со закон, кој ќе содржи мерки за заштита на Скопје“, истакна Стојов.