Асоцијација „Бездомни животни без граници“ реагира дека продолжуваат убиствата кучиња во Струга, а денеска се случиле нови вакви случаи, овој пат со отров.
„Десетици кучиња засега се најдени мртви од очигледно труење со добропознатиот ланате, отров кој во повеќе наврати се користи да се реши бездомната популација на животни во државава“, велат од Асоцијацијата.
Од првиот испукан куршум до денес, велат тие, јавноста имала можност да види се’ освен желба од институциите да се преземаат мерки за сопирање на масовното убиство на бездомни животни во Струга.
„Огнот никогаш не сопре, единствено службите беа по ажурни според сведоштва на анонимни граѓани – кучиња се убивале и се собирале веднаш за да се скрие траг. Се прашуваме дали сепак овде не се работи за гнев на поединец туку организирана хајка против бездомните кучиња во Струга? Дали Општина Струга решила другите мерки за третман на бездомната популација да ги толкува како масовна ерадикација на бездомните кучиња?“, прашуваат од Асоцијацијата.
Оттаму ги повикуваат надлежните институции, како што велат, непристрасно да постапуваат во своите постапки и да го запрат овој масакр, а „МВР во Струга не е општинска институција за да постапува единствено во полза на градскиот татко како заштитена бела мечка“.
„Ги повикуваме Агенцијата за храна и ветеринарство да ја санкционираат Општина Струга за неспроведување на хуман третман врз бездомните кучиња на територијата на општината, нивната неажурност и незаинтересираноста на општините доведуваат до кулминација на состојбата – ова е историја што се повторува! Примитивизам не е одлика на земја која се стреми кон членство во Европската унија“, стои во реакцијата.