Музејот на Југославија во склоп на актуелната онлајн програма #OSTANIUMUZEYU пред неколку дена го започна мини проектот #YUDOM, преку кој ja повикува публиката да пронајде југословенско наследство во своите домови и да се приклучи во заедничка онлајн изложба.
„Веруваме дека секој од нас овие денови чистејќи по дома пронашол предмет кој датира од југословенскиот период. Лимена кутија од кафето „C“ во која се чува вегета, телефон од марката „Искра“, дедови значки од државните компании, мамини еспадрили купени на Трст, списокот е предолг“, известуваат од Музејот.
Замислата е многу едноставна – се повикуваат сите да се приклучат на онлајн изложбата која е веќе отворена, така што ќе ги фотографираат предметите од Југославија, ќе ги споделат фотографиите на социјалните мрежи користејќи го хаштагот #YUDOM и ќе го означат Музејот на Југославија на социјалните мрежи.
„Инстаграм“ – @muzej_jugoslavije
„Твитер“ – @MuzejYU
„Фејсбук“ – МuzejJugoslavijeBeograd
Во меѓувреме, кустоскиот тим на Музејот на Југославија ќе допринесат кон акцијата така што ќе објават фотографии од предметите кои биле дел од југословенското секојдневие, а сега се дел од колекцијата на музејот.
Многу од избраните и употребувани предмети се меѓународно препознатливи, како на пример, повеќекратниот победнички дизајн на Давор Савник, телефонот ЕТА за фабриката „Искра“, кој воедно е дел од колекцијата на Музејот за модерна уметност во Њујорк.
„Ќе го негуваме јавниот и заеднички пристап за дополнување на колекцијата и тоа е методологија која настојуваме да ја применуваме скоро за секоја изложба. Имајќи предвид дека станува збор за југословенско наследство кое сè уште е присутно во секојдневието, ја повикуваме заедницата да ја преземе улогата на кустосите и да биде дел од тимот кој ќе ја реализира оваа поставка“, појаснуваат од Музејот.
Дел од предметите кои се избрани од страна на кустосите не се дел од постојаната поставка и публиката за прв пат ќе може да ги види во склоп на онлајн изложбата.
Извор: Muzej Jugoslavije