Не го користете Chrome за пребарувач, не потпаѓајте на doomscroling-от и користете повеќефакторска автентикација. Ова се дел од советите кои ги споделува Божидар Спировски, кој има повеќе од 20-годишно искуство како инженер, раководител на технички тимови и тимови за информациска безбедност.
Дел од неговите совети ги слушнавме на настанот насловен „Бидете себични со вашите податоци“, во организација на Фондација „Метаморфозис“, кој се одржа во рамки на иницијативата „Разговори за приватност“.
Спировски за Радио МОФ појаснува кој, зошто и како ги следи нашите активности на интернет и што можеме да направиме за да ги заштитиме нашите податоци. Осврнувајќи се кон полисите за приватност на друштвените мрежи, тој посочува дека тие не се наменети за заштита на корисниците.
„Полисите се само правна декларација на компаниите чии сајтови или апликации користиме, и служат за компаниите да се оправдаат дека корисникот ‘е информиран’ за принципите на работа на таа компанија. Содржината на овие полиси е многу напорна за читање, строго правничка и многу долга. Ниеден корисник не е заштитен и најголем дел не се дури ни запознаени со нешто повеќе откако ќе ја прочитаат полисата“, вели тој.
Спировски објаснува дека компаниите на интернет, посебно социјалните мрежи заработуваат преку прикажување на реклами на корисници, па колку повеќе време корисникот остане на сајтот, толку повеќе реклами ќе бидат прикажани. Но, за тоа да се оствари, односно вниманието на корисникот да биде задржано подолго време, не е доволно само да се привлече интелектуалниот интерес на корисникот, туку тој треба да биде и емотивно инвестиран, појаснува Спировски.
„Корисникот многу подолго останува на сајтот кога е емотивно инвестиран, кога е дел од поголем разговор, кога има некаква емотивна реакција од интеракцијата на сајтот. Затоа социјалните мрежи приоретизираат содржини за кои воочиле дека индивидуата реагира – коментира, остава ‘like’ и ги споделува. Оваа манипулација со приоритетот на содржините го дефокусира корисникот затоа што содржините кои ни ги прикажуваат не се секогаш вистинити и не предизвикуваат позитивни емоции“, вели Спировски.
За време на пандемијата од КОВИД-19, се распространи и терминот „doomscrolling“. Преку активноста, корисниците исто така подолго се задржуваат на социјалните мрежи, но оваа активност е штетна и за нивното ментално здравје.
„Doomscrolling е преголемо конзумирање на негативни содржини и вести. Најчесто негативните вести предизвикуваат посилна емотивна реакција кај луѓето и тоа го задржува нивното внимание. Но, преголемо количество на негативни вести и содржини предизвикуваат негативни психолошки ефекти – вознемиреност, страв, депресија и изолација. Кај некои луѓе предизвикуваат и физички ефекти како нарушен сон, намалено внимание и прејадување под стрес“, истакнува Спировски.
Тој ја објаснува и психографската анализа, која е метода за запознавање на купувачот, што овозможува да се направи многу прецизно ‘таргетирање’ на публиката на одредена порака – реклама, кампања, производ.
„За разлика од демографската анализа која се фокусира на објективните параметри на индивидуата како возраст, пол, образование итн., психографската анализа се фокусира на субјективните карактеристики на индивидуата: емоции, вредности, желби, цели, интереси, животен стил. Заедно со демографската анализа, психографската анализа овозможува екстремно прецизно ‘таргетирање’ на пораката и драматично ја зголемува успешноста на одредена кампања преку голем процент на продажба или промена на јавното мислење“, вели Спировски.
„Секогаш имајте ажуриран оперативен систем и прелистувач (browser) и на сите сајтови користете Multi Factor Authentication (лозинка во пар со 6-цифрен код кој се генерира во моментот и го добивате по SMS или го генерирате во апликација на вашиот мобилен телефон)“, гласи најкраткото правило за сајбербезбедност според Спировски.
Безбедноста е широка тема, а за уште поголема безбедност на интернет, Спировски споделува дека е потребно да се користат прелистувачи и пребарувачи кои ја почитуваат приватноста, како и голема свесност дека производите кои се создадени од рекламните гиганти како Google и Facebook примарно се наменети да соберат што е можно повеќе информации за корисниците.
„Затоа наместо Chrome користетe Firefox, Brave или Opera, секако инсталирајте во сите прелистувачи дополнителна заштита како Ublock Origin, Privacy Badger и DuckDuckGo privacy essentials, користете пребарувачи кои ја почитуваат приватноста како DuckDuckGo или Qwant. Cекако, намалете го бројот на апликации на вашите мобилни телефони и ограничете го пристапот на апликациите до микрофон, камера, контакти, GPS, бидејќи голем дел од нив се обидуваат да соберат податоци за вашето однесување, вашите разговори и што гледате“, вели тој.
Осврнувајќи се на социјалните мрежи како Instagram, TikTok, Facebook, Спировски вели дека сите социјални мрежи се во основа маркетинг компании, кои го продаваат пристапот до своите корисници за реклами и кампањи.
„Во своите основни верзии сите овие апликации се обидуваат да соберат што е можно повеќе податоци од корисниците, од нивните мобилни телефони или компјутери. Потоа доаѓаат циклуси на детекција на ова собирање податоци, па извинување од социјалните мрежи и намалување на собирање податоци додека не смислат нов и покреативен начин за собирање податоци“, забележува тој.
Поради тоа, Спировски препорачува да се ограничи бројот на реакции и коментари на содржина на која би немало проблем да биде објавена на вести со вашето име покрај неа. Дополнително, тој нагласува дека потребно е да проверите какви дозволи давате на апликациите за пристап до вашиот GPS, контакти, микрофон, камера и други апликации.
За крај, тој додава дека треба да ги блокирате ги сите обиди за следење преку препорачаните алатки за приватност и да имате предвид дека ‘лајковите’ на социјалните мрежи не вредат многу, најголем дел пристигаат од луѓе во тоалет.
Ивана Смилевска