Под мотото „Бидете во чекор со генерацијата“ на 1 октомври годинава ќе се одржи првиот Национален средношколски самит во организација на средношколското претставничко тело ОДАС – Организација за дијалог и афирмација на средношколците.
„Целта на Националниот средношколски самит 2022 е слободно произнесување на средношколците за нивните колективни проблеми на национално ниво и донесување на предлог-решенија за истите. На овој начин сите ученици во државата ќе имаат еднаква можност да учествуваат во унапредување на образовниот систем, не само на локално, туку и на национално ниво. Пред сите средношколци е една особена можност да бидат создавачи на политиките во средношколскиот свет и да се обединат околу една цел: средношколските иницијативи да го заземат местото кое го заслужуваат“, истакнуваат од ОДАС.
Од претставничкото тело додаваат дека решенијата што ќе ги донесат средношколците на овој самит ќе бидат составен дел на Декларацијата што ќе биде спроведена до сите релевантни институции.
ОДАС е средношколска организација чија мисија е создавање на заедница од посветени ученици, одговорни граѓани и идни лидери. Мотото на ОДАС гласи „Од учениците, за учениците“.