„Ќе биде ли доцна, ако времето запре?“ е насловот на 12-тото издание на Биеналето на млади уметници кое на 28 февруари од 20 часот ќе одржува во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје.
Биеналето годинава ќе биде курирано од Ивана Васева, Бојана Јанева-Шемова и Владимир Јанчевски, дефинирано преку три сегменти кои опфаќаат изложба и презентации на млади уметници од земјава, како и интернационална дискурзивна програма.
„Генералниот концепт околу кој се гради овогодинешното Биенале на млади уметници е во насока на истражување, преиспитување и анализа на феноменот на задоцнетост/задоцнување, ненавременост во поглед на историскиот развој на општествените прилики во земјава во рамките на уметничкиот систем и уметничките парадигми и начинот на кој се одразува во сите негови сегменти (образовни, изложбени, продукциски, претставувачки и сл.)?“, соопштуваат од МСУ.
Наместо фокусот да биде насочен кон развојот на визуелната уметност во споредба со тековите на интернационалната сцена, објаснува МСУ, тој се насочува кон условите за развојот на мислата, креирањето и пренесување на знаењето и општествената улога на уметноста во локалниот контекст.
Оттука, велат тие, во основата на концептот, кој ќе биде разработен и елабориран во рамки на дискурзивната програма со учесници од регионот, потоа презентациите на уметниците, дискусиите и кураторските осврти предвидени во каталогот, се поставени неколку прашања.
„Како се продуцира знаење во услови на пролонгирана инертност и блокираност на институционалната мрежа и недоволно развиена вонинституционална сцена? Како да се надмине оваа ситуација, со незадоволителни технички и кадровски капацитети за институционално одржување на меморија, но и градење на историска свест? Кои се основините пречки за развивање услови за критичко согледување на минатото и стратешко проектирање на иднината? Како би се поттикнало создавање младински политики кои би ги активирале младите да ја трансформираат генералната апатија и да се создадат интегративни платформи и солидна културна стратегија?“, стои во најавата за Биеналето.
Инаку, Биеналето на младите уметници се надоврзува на петгодишната манифестација „Современи македонски уметници – Млада генерација“ започната во 1967 година како одговор на потребите на развиената сцена преку воведувањето на селективност во претставувањето и следење на определени вредносни критериуми.
„Kонцептот на овогодинешното 12-то Биенале излегува од рамката на строго дефинираната изложбена практика, во обид не само да презентира селекција на автори и нивните индивидуални погледи и актуелни интереси преку визуелната продукција, туку да ги лоцира проблемите со кои тие се соочуваат, во услови на недоволно јасна или непостоечка контекстуална рамка. На изложбата ќе бидат презентирани дела на дваесеттина уметници создадени во последните неколку години, односно дела настанати во периодот од последното издание на Биеналето на млади до денес, погледнати во контекст на презентациите на уметниците и интернационалната дискурзивна програма како основа за дефинирање на едно експериментално компаративно поле“, соопштува МСУ.
Една од целите е да покаже дека на маргините на институциите постои раздвиженост кога станува збор за сцената која ја креираат младите и во поглед на продукцијата и во однос на формите на самоорганизираност.
„Во услови на неинтегрирана и дефрагментирана уметничка сцена, се истакнува потребата да се разгледаат тенденциите, односно да се преиспита како е насочена, поттикната и мотивирана енергијата на младите – дали кон нивно интегративно позиционирање како општествено освестени и социјално проникливи индивидуи способни за остварување и проширување на колаборативниот простор или, пак, изолирано и индивидуално креирање на лични стратегии, со некритичко отворање кон претпоставената современост или пазарна успешност на некои од Западните прерогативи во непрегледната мрежа на остварување без критериуми?“, се вели во најавата на настанот.
Како уметници се најавени: Дарко Алексовски, Барски Брача (Марко Јанев и Филип Велковски), Димче Димески, Иван Дургутовски, Ана Јовановска, Амир Карахасан, Марија Конеска, Бисера Крцковска, Ана Лазаревска, Јана Луловска, Симона Манчева, Марко Гутиќ Мижимаков, Ивана Мирчевска, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, Анастасија Пандиловска, Владан Петрушевиќ, Илија Прокопиев, Никола Радуловиќ, Горан Ристовски, Никола Славевски, Игор Таневски, Немања Трајковиќ, Елена Чемерска и Зоран Шеќеров.