БиХ и Србија: Со вработување на лицата со попреченост се постигнува нивна инклузија

Лицата со попреченост се една од маргинализираните групи во Босна и Херцеговина и Србија, којашто секојдневно се соочува со дискриминација и стигматизација. Сè уште официјално не е усвоена дефиниција за лице со попреченост во БиХ, иако БиХ ја усвои Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Во Србија, пак, според законот, поимот „лица со попреченост“ значи „лица со вродени или стекнати физички, сензорни, интелектуални или емоционални пречки“. Поради нивната лоша положба во општеството, голем број организации се трудат да ја унапредат нивната социјализација и мотивација за професионален развој, со тоа што им нудат можности за вработување, се вели во регионалната сторија од проектот „“. 

Правна рамка за лицата со попреченост во БиХ и Србија

Во законите во Босна и Херцеговина во различна мера е регулирана работата на лицата со попреченост, коишто според Заводот за статистика на БиХ се 270.000 на број. Со овие закони се дефинира работниот однос и евиденцијата на вработени лица со попреченост, што се реализираат „во согласност со прописите за труд и други прописи, колективен договор и правилникот за работа“. Во законите е предвидено и формирање фондови за професионална рехабилитација и вработување на лица со попреченост, со кои се спроведува политиката за развој и унапредување на професионалната рехабилитација и вработување на лица со попреченост.

Од друга страна, според податоците од пописот од 2011 година, во Србија живеат 571.780 лица со попреченост, за кои е наменет Законот за стручна рехабилитација и вработување на лица со попреченост, со којшто е дефинирана професионалната рехабилитација како „организирање и спроведување програми со мерки и активности  за соодветно регрутирање, вработување, задржување на работното место, унапредување или промена на кариерата“. Според истиот закон, лицата со попреченост кои се вработени за време на рехабилитацијата имаат право на надоместок на платата во висина од 100% од просечната плата што ја оствариле три месеци пред да се вклучат во оваа програма, а надоместокот на платата не може да биде помал од утврдената минимална плата.

„Лицата со попреченост во Република Србија се една од најзагрозените групи во сите области на социјалниот живот, и тоа се има покажано во досегашното искуство на Комесарите, односно со бројот на поплаки кои ги досега ги има примено институцијата поради дискриминација врз основа на попреченост“, изјави Комесарката за заштита и еднаквост Бранкица Јанковиќ. 

Покрај сето тоа што е наведено погоре, исто како и со законот во БиХ, со законот во Србија е дефинирано вработувањето на лицата со попреченост под општи и посебни услови. Под поимот „општи“ се подразбира „вработување без прилагодување на работните обврски, прилагодување на работното место или прилагодување на работните обврски и работното место“, додека под посебни услови се смета „вработување со усогласување на работните обврски, работните места или работните услови и работните места“.

Според истражувањето коешто го спроведе „Вистиномер“, жените со телесна попреченост потешко се вработуваат во споредба со мажите, кои работодавците ги претпочитаат доколку спаѓаат во категоријата воени инвалиди. Исто така, во истражувањето е наведено и дека од вкупниот број на лица со попреченост кои биле вработени во 2015 година во ФБиХ 26,6% биле жени, додека, пак, во Република Српска во периодот од 2013 до 2016 година само 6,2% од вработените биле жени. 

Ана Котур Еркиќ, адвокатка, новинарка и активистка во БиХ, којашто исто така е лице со попреченост, пред седум години станала активистка за правата на лицата со попреченост, и како што вели, тоа е нејзината животна борба. Како што вели таа, активизмот подоцна прераснал „застапување за човековите права“. „Бев активна уште кога бев дете – постојано се борев против некои неправди и гласно ги поставував прашањата „Зошто?“ и „Како?“, но сега за првпат сериозно и систематски навлегов во ова како новинарка, којашто покрива теми за животот на лицата со попреченост, а потоа и како уредничка на портал посветен на и за лицата со попреченост, како и соработничка на голем број медиуми и организации. Навистина не е лесно да се ​​биде бранител на човековите права, кога сте личност којашто постојано се соочува со дискриминација, уште во моментот кога ќе стапнам надвор за да излезам од дома (иако ова е друга тема, на која може надолго и нашироко да се полемизира околу градежната пракса, уредувањето на домот и слично). Ова подразбира дека постојано сте изложени на критики, бидејќи не се согласувате со околината и општествените норми, како и бидејќи го носите на грб товарот на целата заедница“, вели Котур Еркиќ.

Слика 1. Активистката Ана Котур Еркиќ се бори против дискриминацијата на лицата со попреченост во БиХ

Таа истакна дека дискриминацијата е најизразена при вработувањето, со оглед на тоа дека сè уште не се достапни воведување во работната средина и постојано вработување, откако за првпат ќе бидете одбиени за работното место за коешто сте се пријавиле. „Со оглед на тоа дека досега сум била одбиена повеќе од 80 пати, можам да кажам дека процесот е долг и тежок, и дека е тешко да се издржи и да се преживее целиот процес. На моменти е неописливо тешко, кога се чувствувам очајно и многу лошо, бидејќи навистина е нереално после толку процедури сè уште да не ме перципираат како добар кандидат. Од друга страна, постојаното деградирање и понижување е силен мотив никогаш да не потклекнеме и да продолжиме да се бориме“, раскажува за нејзиното искуство Котур Еркиќ.

Како што вели, нејзината борба е тоа што го прави и резултат на таа борба се големите заеднички успеси со исклучителни луѓе, кои се дел од невладиниот и владиниот сектор, академската заедница или се луѓе коишто живеат на маргините. „Кога ќе се сетам од каде почнав, за какви битки извојував победа, едноставно не постои простор да се откажам, бидејќи моето опкружување, со исклучок на моите најблиски, односно општеството и земјата, не им се наклонети на луѓето како мене“, продолжува Котур Еркиќ.

Активистката Ана Котур Еркиќ се бори против дискриминацијата на лицата со попреченост во БиХ

Нејзиниот активизам е насочен кон аспектот којшто луѓето најчесто го забораваат, односно застапувањето на луѓето кои се немоќни да се борат за себе. „Видовме дека општеството и државата прават многу малку за својот народ, но треба да се запрашаме дали даваме сè од себе за да излеземе од позицијата во која се наоѓаме? Знам дека сè уште давам сè од себе и дека во многу сегменти сум навлезена многу подлабоко од тоа што се очекува од мене. Процесот на вработување, самиот работен процес, како и повеќето аспекти од сите останати процеси – образование, домување, пристап до праведен третман – не се приспособени за лицата со попреченост“, вели таа.

Таа посочува дека оваа состојба е придружена со непотполни и недоволно квалитетни законодавство и подзаконски акти, како и со несоодветна примена и непостоење на санкции за оние кои не сакаат да вработат лице со попреченост, а потоа и со несоодветни конкурси, методи на работа, работна средина, валоризација на резултатите и друго.

Котур Еркиќ нагласува дека сето ова укажува на тоа дека не постои добра законска рамка во која се опфатени работничките права на лицата со попреченост, односно дека тие не се почитуваат соодветно.

Вработување преку невладиниот сектор

Горан Ројевиќ е директор и основач на организацијата „Детско срце“ од Србија, која веќе 20 години им помага на лицата со попреченост, на нивните родители и на луѓето кои се грижат за нив. Ројевиќ вели дека организацијата сега го води кафулето „Звуците на срцето“, за кое се смета дека е единственото кафуле во регионот во коешто сите вработени се лица со ментална попреченост. „Најважно е тоа што се стремиме да ги направиме овие лица што е можно понезависни – да им овозможиме да живеат самостојно и преку нивната работа да бидат корисни членови на општеството. Се трудиме кафулето, заедно со работниот центар, да не се разликува многу од оние во Белград, каде што најдобро функционираат рестораните и кафулињата. Одредивме работни места коишто се соодветни за нашите корисници“, вели Ројевиќ.

Посочува дека вработените живеат со нив и учествуваат во програмите „Школа на животот“ и „Школа за животни вештини“, а следат и дополнителна обука за шанкери и келнери. „Ги ставаме во конкретни животни ситуации од кои учат на конкретно ниво – ги обучуваме да работат како келнери и како шанкери и потоа ги изложуваме на проблематична ситуација. Кога некој од нив ќе каже: „Но, не знам како“, го учиме како да го надмине тоа. Во сето тоа им помага социјалниот ментор“, појаснува Ројевиќ.

Тој напоменува дека овие лица покажуваат исклучителни резултати на сите полиња на работа, како и дека добрата атмосфера е важна за нивната продуктивност. Ројевиќ вели и дека откако тие ќе си ја завршат работата им помагаат на другите колеги да ги завршат нивните активности и дека работата во кафулето позитивно им влијае. „Поттикнавме и да се создадат разни видови социјални услуги, како и будење на свеста кај луѓето да не размислуваат толку многу за своите маки, туку да им помагаат на другите луѓе. Забележавме поголема отвореност на општеството отколку пред 20 години, кога општеството беше повеќе фокусирано на себе и на своите проблеми. Инклузивноста придонесе лицата со попреченост да станат дел од многу училишта, градинки и образовни институции од кои не беа дел пред 20 години“, додава Ројевиќ и нагласува дека постојано мора да се работи на видливоста.

Според Ројевиќ, луѓето со ментални растројства стареат многу побрзо од другите луѓе, така што на возраст помеѓу 40 и 50 години се намалува нивниот потенцијал. Оттаму, многу е полесно да се вработат на рана возраст, за да работат подолго и да бидат активни членови на заедницата. „Кога се на возраст од 18 години, потребни им се активности за коишто се троши повеќе физичка енергија. Го основавме „Центарот за обука и вработување на лица со попреченост“, преку кој, откако лицата со попреченост ќе се обучат за работа, ги препорачуваме на одредени компании од локалната заедница, а тие компании ги вработуваат. Секогаш сме им на располагање за менторство и доколку се јави каков било проблем реагираме како посредници и се справуваме со проблемот.“

Покрај кафулињата, организацијата ја нуди и услугата „Личен придружник на детето“, којашто е достапна на локално ниво и со којашто се пријавуваат на тендерот што го распишува локалната самоуправа. На овој начин, тие обучуваат лични асистенти и склучуваат соработка со училишта и институции во кои учат деца со попреченост. Тој вели дека и вработените успеваат да се осамостојат. „Едно од момчињата работи во печатница. Ние им бараме работа, бидејќи тие во нас гледаат сигурност дека ние ќе продолжиме и понатаму да се грижиме за нив како организација“.

Марко, еден од вработените, редовно прави еспресо и чека да види како ќе изреагираат гостите кога ќе го пробаат неговото кафе. За разлика од Марко, Немања со своите цртежи ги украсува кошниците на идната земјоделска фарма во Винча, во којашто ќе работат лица со попреченост. „На кошниците со пчели го цртам грбот на Обреновиќ. Се трудам да изгледа совршено. Задачите ги добивам од инструкторите“, вели Немања (27 г.), еден од вработените за кого менторот вели дека има фотографска меморија.

Организацијата „Детско срце“ веќе 20 години им овозможува безбеден простор и шанса за вработување на лицата со попреченост.

„Се трудам сè да биде како што треба и да договорам соработка да нè посетуваат и познати личности. Сакав да нè посетат и актерите од серијата „Игра на судбината“. Тој вели дека би сакал да се сретне во живо со некои странски актери и не би се срамел да се запознае со нив. „Понекогаш добивам задача да бидам во кафулето, а понекогаш да помагам во работилницата. Правам кафе, коктели и лимонада. Понекогаш и готвам ручек во кујната. Знам да зготвам макарони, тестенини и супа. Знам и да испечам колбаси, а лесно ќе научам и да правам пире“, го опишува неговиот работен ден Немања.

Вели дека знае да зготви грашок и боранија и дека прави кафе, како и дека црта. На сестраниот Немања не му е тешко да го нацрта грбот на „Детско срце“, вели дека цртањето му оди од рака. Но, не му се допаѓа кога некој се шегува со него и не сака да јаде несолена храна. „Сè ми се допаѓа. Не ми е тешко ни да требам лаванда. Продаваме кеси, како и маици, платнени торби и чаши коишто ги печатиме“, вели тој.

Кога го прашавме колку време е тука, Немања одговори: „Од 24 декември 2018 година“. Тој вели дека се обидел да најде работа на друго место, но му било тешко, како и дека би сакал да се занимава со цртање: „Размислував и би сакал да работам нешто во печатница – да печатам чаши и маици. Но не сега, можеби некој ден. Сè уште треба да го учам занаетот од инструкторите за работа. Без нив не би можел да научам ништо.“ Кога му поставивме прашање каде би сакал да патува, тој во истата секунда наброја десетина градови во САД и Канада.

Уште една од вработените лица, Анѓела (22 години) одгледува лаванда и вели дека веќе три години е на тоа работно место и супер ѝ е. „Ги слушам инструкторите за работа што ми кажуваат, не ми е проблем“, вели таа. Покрај тоа што одгледува лаванда, таа сака и да послужува и да работи во кујната. Вели дека ништо не би сменила. „Би останала овде, ништо не би сменила. Освен можеби ако некој ден ми здодее. Можеби би работела нешто на компјутер, би пишувала и цртала или нешто слично. И дома уживам кога цртам – едноставно земам лист хартија и цртам“, вели Анѓела.

Лицата со попреченост добиваат најголема поддршка од родителите

Од друга страна, во гратчето Горажде, коешто се наоѓа БиХ, дејствува Здружението на лица со церебрална парализа и дистрофија, што за многумина е позитивен аспект на општеството во кое живеат. Еден од членовите на здружението, Ален Хедо, ја сподели со нас неговата животна приказна. „Од седуммесечна возраст сум лице со церебрална парализа. Семејството се обидуваше да ме вклучи во општеството. Кога дојде време да се запишам на училиште, донекаде, најголем проблем ми претставуваа архитектонските препреки. „Претходно, имаше луѓе кои сметаа дека е подобро да седам дома отколку да одам на училиште за да не се малтретирам“, вели Ален којшто сподели со нас дека најголем проблем додека се школувал му биле горните катови и скалите.

Ален го надмина сето тоа со помош на семејството и вели дека без нив не би бил тоа што е денес. Растејќи со две сестри, добил целосна поддршка од нив и од родителите, како и малку повеќе внимание. „Откако се запишав во основно училиште, мајка ми беше со цврст став дека сака да одам на училиште. Во тоа време немавме автомобил. Таа секој ден ме носеше во раце и мене и ранецот со сета потребна опрема по пет километри во двата правци. По неколку години се реши тој проблем. Комбето што ги земаше наставниците, ме земаше и мене по пат. Потоа, кога се запишав во средно училиште, татко ми ме носеше со автомобил“, продолжува да раскажува Ален и вели дека татко му не можел да се вработи, бидејќи секој ден го возел на училиште, а откако се запишал на факултет го носел на спортски активности и пракса.

Во Здружението нашол други активности и истакнува дека таму не се чувствува поинаков од останатите. „Околината и општеството, обичните луѓе и моите пријатели никогаш не ми покажале дека ми следува нешто помалку од нив. Тоа ми беше показател дека навистина треба да се борам како и секој друг човек, да се реализирам на секое можно поле од животот. Истиот случај беше и со образованието. Една од работите што ме мотивираа беше семејството. Другата работа беше да им докажам на другите дека доколку сакаш да магистрираш можеш да успееш“, вели Ален, којшто откако ќе магистрира планира да се запише на докторски студии. 

Ален, со поддршка од семејството и локалната заедница, се стреми да ги исполни неговите големи амбиции.

Откако дипломирал, Ален веднаш добил можност да волонтира во МВР. Вели дека таму му биле овозможени сите услови коишто се неопходни за лице со попреченост. „Немаше скали, работното место беше приспособено и навистина уживав секој ден додека работев таму. Особено ми беше драго што работам со луѓе, со граѓани, кои преку мене и мојот ангажман имаа можност да запознаат лица со попреченост. Работев на издавање лични документи, при што се среќавав со луѓе кои главно беа физички способни. Имаа можност да видат дека лицата со попреченост заслужуваат место во општеството“.

Потоа се вработил во средно училиште, но по две години завршил ангажманот поради пандемијата на Ковид-19. Оттогаш тој се бори повторно да се вработи. „За лицата со попреченост е многу тешко да се вработат. За тоа донекаде е виновен системот, а од друга страна приватниот сектор не се труди доволно да се запознае со лицата со попреченост – од таму полесно им е да ѝ плаќаат казни на државата, отколку да вработат лица со попреченост. Тоа во одредена мера го решава проблемот, но не е нешто што навистина им оди во прилог на лицата со попреченост“, вели Ален, којшто верува дека ова е едно од горливите прашања за лицата со попреченост.

Според Ален, секој инвеститор што ќе инвестира во Горажде треба да добива бенефиции доколку вработи лица со попреченост и ги прилагоди работните места за нив. По разговорот со градоначалникот на Горажде, тој се мотивираше да продолжи да работи во родниот град, од којшто не сака да си замине. „Имав можност да го напуштам градот, но Горажде го доживувам како свој дом. Секоја улица ми е куќа. Сите овие луѓе се мои и ги сметам за семејство. Ако заминев да работам во Сараево или на кое било друго место, ќе изгубев многу повеќе отколку што ќе добиев. Така, тој (градоначалникот) ми даде надеж дека ќе се вработам и ме пријави во Фондот за професионална рехабилитација и вработување на лица со попреченост“.

Според Ален, Фондот за професионална рехабилитација и вработување на лица со попреченост неодамна објави јавен повик за доделување грантови за правни лица кои сакаат да вработат лице со попреченост или за лица со попреченост кои сакаат да се самовработат. „Во мојот случај, на тој јавен повик учествуваше градската управа на чело со градоначалникот Ернест Имамовиќ, при што уредно поднесе пријава и на крајот ѝ беа одобрени средства да ме вработи на една година. Сега се на потег градоначалникот и службите на градската управа, коишто треба да ги завршат сите процедури за да можам наскоро да започнам да работам. Верувам дека нема да им биде потребно многу време да го сторат тоа и дека што е можно поскоро ќе станам редовно вработен и достапен за служба на сите граѓани“, радосно вели Ален, кому работата му е најважна во животот и му дава сила и желба за живот.

Тој објаснува дека во Горажде не постојат социјални стигми кон лицата со попреченост. „Немате проблеми на улица, никој никогаш не ве провоцира. Единствено може да се соочите со тоа некој да не ви пријде слободно, што е оправдано бидејќи не ги знае вашите потреби и можности. Но, доколку замолите некого за нешто или побарате помош од некого, верувајте дека ќе добиете многу повеќе од тоа што сте побарале“.

Ален сега вози автомобил, што му е желба од детството.

На Ален му се исполни желбата за којашто отсекогаш сонувал, да вози автомобил. На почетокот, тој вели дека немале автомобил, па честопати седел зад воланот на автомобилот на вујко му. Сега без проблем вози, иако се соочил со пречки при процесот на полагање за возачка дозвола. „Секогаш кога ќе дојдеше (вујкото), првите часови наместо со семејството, ги поминував зад воланот. Навистина сакам да возам. Од друга страна, автомобилот повеќе го доживувам како ортопедско помагало и така го користам“, вели тој. Токму разните пречки, предрасуди, стереотипи и неспроведувањето на законите се клучен фактор за назадувањето на системот во БиХ и Србија. Ања, Ален, Анѓела, Марко и Немања статистички гледано се реткост, но и пример за сите и доказ дека е направен голем исчекор во процесот на вработување на лица со попреченост.

Кристина Гаџе – Босна и Херцеговина
Алем Бајрамовиќ – Босна и Херцеговина
Филип Мириловиќ – Србија

————–

Оваа приказна е развиена преку програмата „Медиуми за сите“ финансирана од Владата на Обединетото Кралство. Содржина и изразените ставови се единствена одговорност на авторите