„Бикини Мун“, последниот игран фил на Милчо Манчевски ќе биде прикажан на годинешниот, Софија филм фест кој ќе се одржува во март, по 22 пат. Како што пренесува бугарската новинска агенција БТА, Манчевски се најавува како еден од најуспешните режисери на Балканот.
Организаторите , потсетуваат дека филмот на Манчевски „Пред дождот“ е добитник на Златниот лав во Венеција и е номиниран за Оскар. Исто така појаснуваат дека на Софија филм фест веќе се прикажани „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“, а последните два филма се всушност копродукции со бугарско учество.
„’Бикини Мун’, што има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите. Инспирација беше доминацијата на снимање денес – од прислушување на Големиот Брат до селфи на Фејсбук. ‘Бикини Мун’ – како и моите досегашни филмови – зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот го има мирисот на Њујорк, снимен е на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија)“, вели Манчевски за својот петти игран филм „Бикини Мун“.
Филмот е снимен во Њујорк како копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Во него се раскажува за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.