Билетите за првата изведба на балетот „Дамата со камелии“ се распродадени, втората е на 2 ноември

Националната опера и балет известува дека билетите за балетската претстава „Дамата со камелии“ на 30 октомври се распродадени. Втората изведба ќе се случи на 2 ноември со почеток во 20 часот.

Балетската претстава е работена по музиката на Џузепе Верди, а драматуршката подлога е земена од неговата популарна „Травијата“. Претставите ќе се изведат под диригентската палка на гостин од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, кореографијата е на еден од водечките руски кореографи Василиј Медведев, кој работи со театрите „Бољшој“ од Москва и „Марински“ од Санкт Петербург, a раскошната сценографија и костимографија се на Павол Јураш од Словачка.

„Во улогите на Маргарита и Арманд на 30 октомври ќе настапат првенците Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз од Шпанија, а на 2 ноември Наташа Трендафилова Гицев и Валери Љубенко од Украина“, информираат од Национална опера и балет.

Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Не е првпат тажната приказна во ‘Дамата со камелии’ да ги инспирира кореографите. Заедно со костимографот и сценограф, Павол Јураш, сакав претставата да ја направиме класична, традиционална, но и наша оригинална, различна од другите“, посочи кореографот Василиј Медведев.

Фото: Национална опера и балет