Професорката Биљана Ангелова од Економскиот институт е избрана за нова ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), откако освои најмногу гласови на изборите кои денеска се спроведоа на 28 факултети и институти во состав на УКИМ.
Според резултатите објавени на сајтот на УКИМ, Ангелова освоила 1859 поени, што е за двојно повеќе од второпласираниот на денешното гласање.
Од Универзитетската изборна комисија соопштија и дека на денешните избори гласале 1.251 од вкупно запишаните 1.419 гласачи меѓу кои имаше редовни и вонредни професори, доценти и студенти.
Професорката Ангелова, која досега беше проректорка за финансии, инвестиции и развој на најголемиот македонски универзитет, во својата програма вели дека го гледа УКИМ како отворен универзитет со европски вредности, видлив на меѓународниот високообразовен и научноистражувачки простор.
За таа цел таа вети унапредување на квалитетот на наставата и подобрување на условите за студирање на единиците на Универзитетот, унапредување на научно-истражувачката дејност, зголемување на научноистражувачката продуктивност и подобрување на рангирањето, интернационализација преку вмрежување и пристапување кон европските алијанси на универзитети, како и зајакнување на соработката со бизнис секторот и поттикнување на универзитетско претприемништвото.
Во контекст на унапредување на процесот на создавање на иновации Ангелова најави залагање и за формирање на т.н. „живи лаборатории“ (living lab), кои функционираат како екосистеми на отворени иновации во реалниот живот и во реалното опкружување, фокусирани на создавање на прототипови, нивно тестирање и подобрување преку разни бизнис модели.
Истовремено, таа вели дека ќе се залага и за формирање на дигитални хабови, зелени хабови и иновативни хабови, кои ќе делуваат во различни научни подрачја, како јадра на Универзитетот со капацитет да создаваат иновативни додадени вредности.
„Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе биде отворен за секој член на академската заедница и ефикасен сервис на неговите единици, спремен да ги прифати bottom up иницијативите, да ги поддржи и спроведе, бидејќи развојот и просперитетот на секоја единица и секој член на академската заедница на УКИМ е наш заеднички успех. Отворен универзитет ќе обезбеди полесно и поуспешно функционирање на академската заедница бидејќи СИТЕ СМЕ УКИМ!“, стои во нејзината програма.
За развој и спроведување на културата на квалитет, професорката најави интерни и надворешни механизми, како воведување на индивидуална евалуација, најмалку еднаш годишно, како и обезбедување на објективна надворешна евалуација од страна на Асоцијацијата на европски универзитети.
Ректорката планира и да се фокусира на дигитализацијата. Таа вели дека и покрај тоа што оваа дигитална трансформација е навлезена во многу сегменти на општеството, сепак Универзитетот се` уште функционира по застарени, хартиени и неефикасни модели на работа.
Во трката за прв човек на најголемиот и најстариот македонски универзитет покрај Ангелова беа уште пет кандидати: проф. д-р Горан Ајдински, од Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, од Филозофскиот факултет, проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии и проф. д-р Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.
Мандатот на Ангелова ќе започне на 16 септември, со почетокот на новата академска година и ќе трае до 15 септември 2026 година.
Ангелова е втора ректорка на УКИМ, откако прва жена на оваа позиција претходно била Радмила Кипријанова која на функцијата била од 1994 до 1998 година.
Ангелова на функцијата ректор ќе го наследи професорот Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој ја вршеше оваа функција во два мандата и повеќе нема право да се кандидира.
Повисоки плати, иновации, нови студиски програми – Што ветуваат кандидатите за ректор на УКИМ?