Билјана Ивановска, екс претседателката на Антикорупциската комисија, во име на членовите на претходниот состав на ДКСК, упати јавна реакција во однос на вчерашното соопштение на оваа институција, која рече дека дипломатскиот пасош е право, а не привилегија, додека возењето велосипед и користењето автобус на Ивановска го окарактеризира како „популизам“.
Исто така, новите антикорупционери вчера го критикуваа и начинот на работа на Ивановска и нејзините колеги, тврдејќи дека „претходната ДКСК за цел мандат и беа прифатени исклучително мал број на иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство“.
Билјана Ивановска, пак, вели дека извештаите за работењето на претходниот состав на ДКСК, како и извештаите на Европската Комисија и другите меѓународни организации и тела, го прикажуват односно го оценуваат работењето на Комисијата во нивниот мандат.
„Тоа што немавме дипломатски пасоши и службени автомобили ниеднаш не не’ спречи навреме да стигнеме и активно да учествуваме на сите сесии од скринингот со ЕК во Брисел. Изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењто велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам. По кој основ или критериум оваа наша навика што ја практикуваме и пред и по мандатот е оценета како популизам“, се вели во реакцијата на Ивановска.
Според екс претседелката на ДКСК, ова е навреда за сите совесни функционери кои се однесуваат домаќински со народните пари и за сите совесни граѓани кои, вели таа, почитуваат европски вредности и се грижат за животната средина.