Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ смета дека со предложениот Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци постојат одредени позитивни, но и повеќе негативни моменти.
„Дозволувањето да се извезува сув цвет е логично бидејќи досегашната одредба е идиотска, да можеш да извезуваш масло, а не цвет. Но ова е меч со две острици. Позитивно е што е тргната рекетарската ‘гаранција’ како услов за добивање лиценца. Негативно и противуставно е што се бара согласност од владата за пренос на удел. Ова директно ја тангира приватната сопственост како уставно заштитена категорија“, стои во реакцијата на „Билка“.
Понатаму, од Здружението потенцираат дека е негативно што условите остануваат крајно високи дури и се зголемува бројот на минимум вработени, со што, велат тие, овој бизнис останува привилегија само на богатите и моќните.
„Негативно е воведување арач од 10% по оданочување кои средства наместо за едукација на лекари, евентуално лекување, овозможување пристап до медицински канабис на социјално ранливи категории ќе се користат за финансирање на НВО-а. Предлогот на ‘Билка’беше и остана да биде услов за ентитетите да пласираат легален канабис на македонски пазар ако сакаат лиценца. Во Македонија има 65 фирми, а производи од само три. Кој е бенефитот на граѓаните ако целиот канабис оди надвор?“, прашуваат од „Билка“.
За крај, сметаат дека овој закон не исполнува услови за Европско знаменце.
„Дотолку повеќе сме разочарани што воопшто не е дискутиран на Работна група при Влада, а не е дека не знаеле. Следниот состанок на групата е 15.08 и да се надеваме дека ќе биде прва точка на дневен ред со цел истакнување забелешки по истиот“, стои во реакцијата.
Инаку, Владата вчера соопшти дека со Предлог-закон за опојни дроги и психотропни супстанции, утврден на последната владина седница, се воведува давачка од 10% од извезените количества сув цвет – пари што ќе одат за специјален фонд за ретки болести, фондот за медиуми за продукција на содржини од јавен интерес, како и на програмските приоритети во спортот, културата и граѓанскиот сектор.
„Од специјалниот Фонд ќе биде поддржана и работата на новопредвидената Агенција за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели. Европското знаменце на законот е затоа што во неговиот текст се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и Совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции“, соопшти владиниот портпарол Душко Арсовски.