Битола годинава е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот, соопштија од Младински културен центар – Битола.
Официјалниот УНЕСКО младински клуб на МКЦ – Битола по втор пат ќе се вклучи во оваа глобална акција и тоа со организирање на концерт на Поповски Јосифовски Секуловски Трио & Кирил Кузманов (саксофон) во соработка со Порта Џез.
Сите вљубеници во овој музички правец се добредојдени на ова единствено џез доживување во Порта Џез во Битола, во среда (30 април), со почеток во 21.30 часот.
Овој настан е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот кој вклучува настапи и концерти во преку 100 земји во светот. Овој ден ги сплотува нациите и општествата прославувајќи ја уметноста на џезот, потенцирајќи ја неговата важна улога во охрабрувањето на дијалогот меѓу културите и цивилизациите, промовирајќи го човековото достоинство. Поради овие вредности УНЕСКО го поттикнува и охрабрува одбележувањето на овој ден.
Сашо Поповски – гитара
Оливер Јосифовски – контра бас
Алек Секуловски – тапани
Кирил Кузманов – саксофон
Триото е активно повеќе од 10 години а нивното постоење го обележуваат голем број на настапи на реномирани џез фестивали во Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Косово. Триото негува звторска современа џез музика и модерни џез стандарди, соработува со музичари од класата на Венци Блегоев, Гоце Мицанов, Дејв Вилсон и други.
За овој настан Триото ќе биде поддржано од врвниот саксофонист Кирил Кузманов кој дипломира и магистрира џез музика на Џез академијата во Грац, Австрија. Кирил моментално е члем на ХГМ Џез оркестарот во Загреб и Jim Rotondi Electric Band.